
Трипуновски за евентуалните штети во земјоделството од пожарите: Обврска на општините е да ги направат проценките
Министерот не слушал дека нема доволно домашни јајца во маркетите. Како што рече денеска, дополнително ќе провери дали има ваков проблем.
Обврска на општините е да ги направат потребните проценки, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со евентуалните штети кај земјоделските култури од пожарите.
-Сите штети од природни непогоди согласно законот, треба да ги процени општината. Треба да направи елаборат и да го достави до Второстепената комисија за проценка на штети. Изминатите месеци имавме пролетен мраз и Комисијата работи континуирано за навремено да се исплатат штетите. Значи, обврска на локалната самоуправа е – колку побрзо ќе го направи елаборатот, толку побрзо ќе биде ставен во владина процедура за обесштетување, изјави Трипуновски по средбата со раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Во однос на информацијата што ја објавија некои медиуми, дека во маркетите нема доволно домашни јајца, Трипуновски истакна дека прв пат слуша за ваков проблем.
-Прв пат слушам за ваков проблем, не знам за каков проблем станува збор. Јас знам дека нашето производство на јајца ги задоволува домашните потреби, а имаме и количини кои се извезуваат надвор од државата. Дополнително ќе проверам дали има проблем, немам информација дека има проблем со снабдување јајца на полиците во маркетите, нагласи министерот.
На прашањето за инфлацијата и најавените владини мерки, Трипуновски потсети дека примарна цел на секторот земјоделство е обезбедување доволно производи и преработки кои ќе ги задоволат потребите на домашниот пазар.
-Нашата цел е да ги стимулираме земјоделците за поголемо производство и тука сме фокусирани максимално. Преку програмите за поддршка сакаме да го зголемиме производството. Од лани работевме на враќање на количините пченица кои ќе ги задоволат домашните потреби и годинава, на оние 70 000 хектари кои ги имавме, собравме над 280 000 тони што е задоовлување на нашите потреби. Така работиме и на другите култури. Ние како Министерство ги поддржуваме сите категории земјоделци, но и правиме и измена на закони, правилници и креираме превентивни мерки, но, сепак е примарно зголемувањето на квантитетот, подвлече Трипуновски.