
Трилинг: Населување на мигранти – реалност, параноја или ширење на ксенофобија
Во Трилинг гостуваа Анастасиа Павловска од иницијативата „Кој е следен“, Оливер Спасовски координатор на пратеничката група на СДСМ, Благоја Пандовски претседател на Транспаренси Интернешнл и Илија Ико Каров, режисер на филмот „К15: Од другата страна“. Во рубриката „Знаење што менува“ анализа на Анче Атанасова директорка за човечки ресурси во Семос Едукација.
Во Трилинг гостуваа Анастасиа Павловска од иницијативата „Кој е следен“, Оливер Спасовски координатор на пратеничката група на СДСМ, Благоја Пандовски претседател на Транспаренси Интернешнл и Илија Ико Каров, режисер на филмот „К15: Од другата страна“. Во рубриката „Знаење што менува“ анализа на Анче Атанасова директорка за човечки ресурси во Семос Едукација.

„Но знаете дека во 2015 година ние имавме сериозен проблем со тоа прашање. До крајот на јануари 2016. година имавме околу 1 милион и 100 000 мигранти коишто поминале низ територијата на Македонија. Ова прашање коешто сега го отвораме најмалку треба да биде прашање на ширење на ксенофобијата, заради тоа што таа човечка емпатија треба да биде клучна во моменти кога е во прашање миграцијата“, вели Спасовски.
„Тука е клучното прашање – дали ваквите процеси треба да се водат транспарентно? Дали разговорите во случајот со Велика Британија треба да бидат транспарентни? Тука е сомнежот, вели Спасовски.
Прашан дали се сомнева во изјавите на премиерот дека мигранти во Македонија нема да бидат примени, Спасовски вели дека постои сомнеж.
„Ако имате ситуации во кои се разговара на темата мигранти, во ситуација каде значајни британски медиуми објавуваат дека има такви разговори помеѓу Владата на Северна Македонија и на Велика Британија, апропо договорот кој го имаме склучено, па дури се спомнуваат и суми од 20 000 фунти по мигрант, и имајќи го предвид искуството кога бев министер 2021 година кога тогашниот британски амбасадор по насока на нивното Министерство за надворешни работи побара средба со мене, истава работа беше понудена – да бидат тука, да се вложуваат одредени финансиски средства во згради и тн, а тие коишто бараат азил да бидат на територијата на Македонија.
-Оправдани се стравувањата заради тоа што ние не сме имале ситуација во којашто на транспарентен начин ова се договарало“, вели Спасовски.
Прашан зошто како најголема опозициска партија не е побарано средба со британскиот амбасадор за изворно да се добијат информации, Спасовски вели дека информациите ги темелат на сите информации коишто ги имаат добиено.
„Работата на опозицијата е да ги прибира сите тие информации и ако гледаме дека Владата не сака транспарентно пред јавноста за тоа да разговара и да се затвори ова прашање, тогаш мора да го отвораме пред јавноста ова прашање се додека не се затвори на начин на којшто треба да се затвори“, вели Спасовски.

За тоа дали е точно она што ВМРО-ДПМНЕ го тврдеше, дека во 2018. година имало договор за отворање на прифатни центри за мигранти, Спасовски вели дека тоа не е вистина, бидејќи таквите центри се отворени во 2015 година.
„Такви прифатни центри имаме два – едниот во „Винојуг“ во Гевгелија, вториот во Табановце. Тие и ден денеска работат како прифатни центри.
Во сегашниов случај се работи за две сосема различни ситуации. Ние имавме мигрантски бран во којшто 2015 година во Македонија влегуваа по 12 до 15 000 луѓе на ден, коишто транзитираа низ Македонија и заминуваа по западнобалканската рута. Во Македонија не постоеше законски основ тие мигранти да се третираат легално кога престојуваат на територијата на државата, па дојде тогаш измена во Законот за странци па се даде рок од 72 часа за да може да ја пројдат државата.
-Сега имаме состојба во којашто се разговара дека ќе имаме мигранти коишто ќе бидат на територијата на Македонија, а ќе аплицираат за азил во Велика Британија. Сите оние коишто ќе добијат ќе заминат таму, остатокот треба да се вратат од земјата на потекло.
-Македонија нема склучено договори со земјите од Блискиот Исток, од Африка и тн. за реадмисија.
-Еве да ви дадам една информација. Во средата навечер во транзитниот центар во Табановце една група на египетски мигранти го имаат демолирано целиот камп. Ова се прашања коишто мора да бидат одговорени пред јавноста и преку таквите одговори, на транспарентен начин, да заземе сите заеднички став. Мојот личен став е дека не можеме да бидеме земја во којашто ние ќе спроведуваме постапка за азил на некоја друга држава, а притоа да ни остануваат мигранти коишто нема да можеме да ги вратиме назад“, вели Спасовски.

За разликата од бегалски кампови и бегалски населби, Спасовски вели:
-Едното е на изјавата на премиерот, кој што рече – додека сум јас премиер нема да има бегалски кампови. Но дали е можно да имаме некакви бегалски населби, да можно е. Втората изјава која ја слушнав од еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, беше додека е ВМРО на власт нема да има ниеден илегален мигрант на територијата на Македонија. Ова е симптоматичен став, бидејќи што правиме со легалните мигранти, ако немаме илегални“, вели Спасовски.

„Перцепцијата на корупцијата најдобро ја чувствуваат граѓаните, кога тој не може да си оствари сопствени права, кога ќе отиде на лекар да не може да си оствари здравствена услуга, кога ќе отиде пред суд и не може да добие пресуда за нешто што по закон му следува, кога не може да си оствари некое свое право. Најобичниот граѓанин, оној анонимниот, преку него се гледа перцепцијата на корупцијата.
-Луѓето сѐ уште немаат доверба во институциите, не можат да ги остварат своите права и сѐ уште обичниот човек е жртва на корупцијата од која бенефит имаат само богатите, високите слоеви, само оние кои имаат јавни позиции“, изјави за „Трилинг“, Благоја Пандовски претседател на Транспаренси Интернешнл.
Околу тоа дека како јавност сме сведоци на злоупотреба на европски пари, на тендерски скандали, а впечаток е дека институциите стануваат инертни, Пандовски вели дека тоа е поради тоа што оние чинители коишто се повисоко рангирани ја користат својата позиција, имаат доволно средства да преку судскиот систем извојуваат некакви мини победи коишто ќе го одолговлечат процесот.
„И на крајот со последните измени на Кривичниот законик, кој сѐ уште не е вратен на старо, овие кривични дела побрзо застаруваат.
-Голем дел од скандалите остануваат неразјаснети. До кога ќе биде тоа така треба да ги прашаме судските органи, обвинителството, но треба да ја прашаме и извршната власт која треба со обезбедување на буџетски средства да овозможи нови вработувања во судската и обвинителската служба“, смета Пандовски.

„Првите впечатоци се дека оваа анкетната комисија нема да донесе кон спроведување на правдата којашто овие родители ја бараат, бидејќи видовме голема несериозност, незаинтересираност од страна на пратениците. Ни личеше како само како уште една бирократија, уште една процедура која што мора да се помине за јавноста да биде среќна. Но јавноста нема да биде среќна, бидејќи нема да излезе правда од оваа комисија“, изјави за магазинот „Трилинг“ Анастасија Павловска од иницијативата „Кој е Следен“, говорејќи за првите впечатоци од анкетната комисија на која родителите на жртвите се соочија со пратениците.
„На државниот врв му беше побитно да се појават за да бидат видени од јавноста дека се присутни на таа анкетна комисија, но не им беше битно да ги слушаат родителите и навистина да размислат длабоко во себе и да си ја најдат човечноста за да можат навистина да сочувствуваат со родителите, а и понатаму да дејствуваат за да има политичка одговорност за оваа трагедија“, вели Павловска.
„Секој политичар мора да сноси морална и политичка одговорност кога во негово владение се случува ваква огромна трагедија, којашто е резултат на институционални пропусти“, вели Павловска за побараната оставка од премиерот Мицкоски.
„Мислам дека како народ заборавивме дека имаме должност да се бориме, нашите политичари, нашите народни избраници да бидат морални и да се придржуваат кон етичките вредности коишто ние како нормални луѓе си ги практикуваме. Но еве гледаме дека во највисоката власт во оваа држава тие вредности не постојат“, потенцира Павловска.
-Родителите ја бараат правдата бидејќи они немаат за што друго да живеат освен да се изборат за правда за децата коишто ги изгубија“, вели Павловска.

„Фундаменталната инфраструктура на филмот е несомнено документарна. Таа ги интегрира ретроспективно се она што значи К-15 и како шоу, и како продукција, има еден дел за телевизијата па и нешто за нивните спорадични бизниси со коишто се обидоа. Но има еден дел од филмот којшто несомнено е догма. Неортодоксен пристап во смисла – не знаат што се снима и не знаеја што ги очекува кога ги собравме“, вели Илија Ико Каров, режисер на филмот „К-15: Од другата страна“.
„Со овој филм сакав да ги соочам со еден друг момент нашите тројца протагонисти – Бубо, Васко и Бранко – К-15 никогаш не било цигли, К-15 не било објекти, К-15 се Бубо, Васко и Бранко и се додека они тројца се живи и здрави и волни да продолжат да го работат, К-15 постои, вели режисерот Каров.
„К-15 дефинитивно е дело на Бубо, Васко и Бранко. Имале потсетници и белешки за тоа како би сакале да течат скечевите, но мислам дека и нивните дијалози се толку совршено точни, органски и лесни за примање и гледање, од проста причина што беа креирани на лице место. Они тројцата толку спонтано можеа да се надополнуваат во моментот кога ќе влезеа во улогите, да тоа е едно школо што за секој што се бави со филм или телевизија би му посакал да може да го види и да го посведочи“, вели Каров.
Прашан дали денешните политичари се спремни да прифатат скечеви, критики, шеги на нивна сметка Каров дециден: Мислам дека не.
„Симптоматично е тоа што политичарите од средината на 90-тите години многу повеќе го сакаа К-15 и многу симпатично ги доживуваа шегите на нивна сметка.
Прашан зошто К-15 стана трн во око за политичките елити, Каров вели:
-Затоа што го соочуваше народот со вистината.

Во време кога вештачката интелигенција ги менува сите индустрии, една од најголемите трансформации се случува токму во човечките ресурси. Денес, AI го забрзува регрутирањето, го поедноставува онбордингот, помага во обуките и создава подобро искуство за вработените.
Затоа денес во „Трилинг“ гостува Анче Атанасова – директор на секторот за човечки ресурси во Семос Едукација и HR лидер со повеќе од една деценија искуство во развој на таленти, организациска култура и имплементација на иновативни HR практики засновани на аналитика и АI.
Таа ќе зборува за тоа како HR станува мост меѓу технологијата и луѓето, зошто културата е клучна за успешна AI имплементација и како вистинскиот баланс меѓу технологија и човечност ја гради компанијата на иднината.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото