Триесет години од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор

Општата рамковна спогодба за мир во Босна и Херцеговина, попозната како Дејтонски мировен договор, беше потпишана на денешен ден пред точно 30 години, на 14 декември 1995 година, во Елисејската палата во Париз, со што беше ставен крај на четиригодишната војна во БиХ.

Општата рамковна спогодба за мир во Босна и Херцеговина, попозната како Дејтонски мировен договор, беше потпишана на денешен ден пред точно 30 години, на 14 декември 1995 година, во Елисејската палата во Париз, со што беше ставен крај на четиригодишната војна во БиХ.

Дејтонскиот мировен договор го потпишаа претседателите на трите страни: претседателот на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, на Србија, Слободан Милошевиќ, и на Хрватска, Фрањо Туѓман, во присуство на светските сили.

На чинот на потпишување сведочеа тогашниот американски претседател Бил Клинтон, претседателот на Франција, Жак Ширак, и шпанскиот премиер Фелипе Гонзалес.

– Ова не е праведен мир, но е поправеден од продолжувањето на војната. Во ваква ситуација и во ваков свет, подобар мир не можеше да се постигне, изјави Алија Изетбеговиќ по церемонијата на потпишување во Париз.

Претходно, Дејтонскиот договор беше парафиран на 21 ноември 1995 година во базата Рајт-Патерсон кај Дејтон, во американската сојузна држава Охајо. Овој договор е резултат на дипломатската иницијатива на американската влада, која ја започна тогашниот главен американски посредник Ричард Холбрук.

Дипломатската мисија на САД следеше по геноцидот во Сребреница во јули 1995 година. Тимот на Холбрук спроведе пет рунди интензивна т.н. шатл-дипломатија од август до октомври, што резултираше со усвојување на принципите за спогодбата од страна на засегнатите страни.

Со Дејтонскиот договор, кој го означи крајот на војната во БиХ започната во 1992 година, земјата е уредена како сложена држава која ја сочинуваат два ентитета: Република Српска (РС) и Федерација БиХ (ФБиХ), како и три конститутивни народи. Според договорот, на ФБиХ ѝ припаднаа 51 отсто, а на РС 49 отсто од територијата, додека подоцна е формиран Дистриктот Брчко како посебна територијална единица.

Дејтонскиот договор, кој е познат и како Париско-дејтонски, се состои од 11 анекси кои ги опфаќаат воените, политичките и цивилните аспекти на мировниот договор, како и регионалната стабилизација. Спогодбата најголеми овластувања им даде на ентитетите и ги назначи основните овластувања за државно ниво.

Главниот авторитет во толкувањето на договорот е Канцеларијата на високиот меѓународен претставник во БиХ (ОХР).