
Пред 30 години на 3 октомври беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, кој сепак со тешки повреди на главата, го преживеа нападот. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.
Истрагата утврди дека атентатот врз македонскиот претседател, бил добро подготвен и организиран. Остана непознато кој стоел зад атентатот, а истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена.
Нападот беше извршен со автомобил-бомба во 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието.
Во автомобил „цитроен ами 8“ беа скриени 20 килограми експлозив, активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието, каде во тоа време се наоѓаше неговиот работен кабинет.
Пред експлозијата, службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“, за да експлозијата биде точно насочена и ефективна.
Експлозивот бил југословенски
Експлозивната направа била производство на ЈНА, а содржела еден килограм пластичен експлозив, со стотици челични топчиња кои имаат смртоносно дејство во радиус од околу 50 метри. Автомобилот „ами-8“ бил намерно избран за поставување на бомбата затоа што има тенок лим, кој од експлозијата лесно се распрснува во повеќе смртоносни шрапнели. Еден таков шрапнел и го убил возачот на претседателот.
Не се дозна
Остана енигма и необјавено, дали атентатори беа од српско-руското подземје, југословенската служба „КОС“ или можеби лица од бугарската фирма „Мултигруп“, лица од „Братиславската врска“, или домашни служби. Ова беа линиите на истраги и насоки за виновници кои се посочуваа за обидот за елиминација на првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров, во време кога државата сѐ уште е ранлива со својата независност и распадот на поранешната заедничка држава Југославија
Мултинационална „финансиско-економска групација“
Тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски на првата прес конференција организирана во тогашните американски простории, во центарот во Скопје, изјави дека во организацијата на атентатот е вклучена една мултинационална финансиско-економска групација, практично , со седиште во една соседна земја.
– Тој на 28 септември 1995 година е дојден во Македонија и во објект на периферијата на Скопје ја формирал експлозивната направа што е користена во атентатот на претседателот Глигоров. Во тоа му помагале извршители од Македонија. Врз основа на извршениот профил, тоа може да бидат политички фанатици, делови од криминално подземје, или резидентура на странски разузнавачки служби – изјави Фрчкоски, кој подоцна понуди оставка која не му беше прифатена.
Интересно е дека во тоа време на денот на атентатот на увидот ни 15 минути по експлозијата на новинарите им беше пуштена приказна дека двајца брадести луѓе во темнин одела со рено 19 во сина боја избегале од местото на настанот и се упатиле кон Бугарија. Ниту таа приказна никогаш не беше спомната подоцна.
Тогашниот министер за внатрешни работи Фрчковски остана на тврдењето дека како нарачатели се препознава бугарската озлогласена бизнис-групација „Мултигруп“, југословенската тајна служба „КОС“, а беше спомната и т.н. „Братиславска врска“, но сепак не се пронајдени тврди докази околу нивната вмешаност во атентатот.
Подоцна, високи претставници на бугарската организација „Мултигруп“ лично дојдоа во посета кај Глигоров за да се отфрлат и тие шпекулации.
Српската линија и Милошевиќ
Индикативно е што атентатот се случува по само еден ден откако Глигоров има средба со тогаш претседателот на Србија Слободан Милошевиќ, при што претседателите на двете земји постигнале договор за меѓусебно признавање.
Една друга непотврдена теза, која останува само во рамки на шпекулациите, е за вмешаноста на Белград во атентатот. Во септември 1995 се официјализира најавата дека Македонија ќе го потпише договорот Партнерството за мир со НАТО и Спогодбата за соработка и трговија со ЕУ, со што се отворија вратите на евроинтеграциските процеси. Македонија тргнува кон Брисел и Вашингтон наместо кон скратената СФРЈ односно со Србија.
Ова битно геополитичко поместување на југот на Балканот, наводно, го вознемирило „вождот“ во Белград, кој според претпоставките се почувствувал предаден од Глигоров. Хипотезата наведува на тоа дека Милошевиќ сака да слушне потврда за одлуката на македонското раководство за евроатланската ориентација лично од устата на Глигоров. Милошевиќ го кани Глигоров во Белград.
Средбата трае кратко и од неа нема никакви информации за јавноста за тоа што се зборувало. Според истата теорија, Глигоров наводно му го потврдува тоа на Милошевиќ, по што тој се решава да го активира веќе разработениот план за атентатот.
Претресени повеќе од 30.000 возила, легитимирани 188.000 лица
Иако по атентатот била отворена обемна истрага од страна на МВР, под името „Автомобил“, и веднаш по атентатот се вклучиле и безбедносните служби на САД, Германија и Британија, ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров сѐ уште не се познати.
За обидот за атентат врз него, Глигоров напишал и автобиографска книга „Атентат – ден потоа“, што ја промовирал во 2002 година. Во истрагата се претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.
Невообичаени „ самоубиства“
На оваа листа е вработен во МВР кој ден по исказот е пронајден мртов, наводното самоубиство на инспектор во МВР, кој му бил телохранител на Киро Глигоров. Тој утрото на 5 август 1997 година бил прегазен од патничкиот воз што сообраќал на линијата Кичево-Скопје на мостот на реката Лепенец во населбата Ѓорче Петров. Според тогашните изјави на неговото семејство, две лица дошле во домот на Д.Г. вечерта на 3 август и го одвеле.
На 20 февруари 1998 година на падините на Водно во близина на кругот на МВР била најдена мртва вработена во Управата за оперативна техника, која била дел од екипата која го истражувала атентатот. Таа имала една огнострелна рана во челото. Било утврдено дека раната била предизвикана од истрел со пиштол од непосредна близина, а потоа било кажано дека станува збор за самоубиство.
Киро Глигоров почина од природна смрт на 94 годишна возраст на 1 јануари 2012 година.