Трет мобилен оператор: понуди, очекувања и предизвици

Доколку заврши постапката со која покрај “Македонски Телеком” и “А1 Македонија”, државата ќе добие нов мрежен оператор, според експертите од телекомуникациската област, тој ќе има за цел да одземе дел од пазарот од постоечките мобилни оператори и да навлезе со сервиси кои се помалку достапни. Ќе биде од особена важност да се обезбеди одличен баланс меѓу трошоците за изградба на инфраструктура, квалитетот на услугите и цените.

Денес во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) се очекува да бидат отворени понудите од тендерот за доделување на фреквенции за трет мобилен оператор. Предвиденото јавно наддавање ќе се спроведе доколку најмалку двајца понудувачи се квалификуваат за исто одобрение за користење на радиофреквенции.

Доколку заврши постапката со која покрај “Македонски Телеком” и “А1 Македонија”, државата ќе добие нов мрежен оператор, според експертите од телекомуникациската област, тој ќе има за цел да одземе дел од пазарот од постоечките мобилни оператори и да навлезе со сервиси кои се помалку достапни. Ќе биде од особена важност да се обезбеди одличен баланс меѓу трошоците за изградба на инфраструктура, квалитетот на услугите и цените.

Состојбата е таква што влезот на новиот оператор доаѓа во време кога корисниците имаат најниско задоволство од цените на мобилната телефонија, со 55,9 проценти.

Заклучно со првото тримесечје од годинава, во државата се евидентирани 1.941.996 активни претплатници во мобилната телефонија, во кои А1 Македонија има удел од 47,69 проценти, Македонски Телеком 46,66 проценти, М-ТЕЛ 3,38 проценти, Телекабел 1,34 проценти, Мтелмобајл 0,38 проценти и Греен мобиле 0,10 проценти. М-тел е виртуелен мобилен оператор кој влезе на пазарот во октомври 2022 година.

“Влезот на нов мобилен оператор, со сопствена инфраструктура, доколку се реализира, ќе биде одлична работа за сите во Македонија, бидејќи може само да ја прошири понудата на телекомуникациски мобилни услуги, да ја зголеми конкуренцијата и дополнително да го раздвижи и да го подобри телекомуникацискиот односно дигиталниот пазар кај нас”, изјави за МИА професор Тони Јаневски од Институтот за телекомуникации на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).

Според Јаневски, треба да се почека и да се види како ќе се одвива најавата за влез на нов мобилен оператор, како трет во Македонија, што, потенцира, секако ќе зависи и од стратегијата на АЕК како регулаторно тело, бидејќи новиот оператор ќе треба да добие различни фреквенциски опсези, пред сè за 5Г, како за покривање во руралните подрачја, така и за капацитет во урбаните подрачја за работа како мобилен оператор со своја инфраструктура.

“Секако генерално пазарот на мобилна телефонија (генерално мобилни услуги, односно сервиси), сега е заситен во секоја земја. Тоа значи дека сите кои сакаат да имаат пристап до мобилни услуги веќе имаат, така што секој нов мобилен оператор ќе цели да преземе дел од пазарот од постоечките мобилни оператори и/или да навлезе на пазарот со сервиси кои се помалку достапни на пазарот, па за евентуалниот нов мобилен оператор клучно ќе биде да обезбеди одличен баланс меѓу трошоците за изградба на инфраструктура, која секако ќе трае со години, а потоа квалитетот на сервисите кои ќе ги понуди (покриеност со мобилната мрежа, надежност на мрежата, битски брзини на различни локации во мрежата и нивна одржливост, доценење од крај до крај, итн) и цената на сервисите за даден квалитет на сервисот, за граѓаните и за бизнисите”, вели Јаневски.

АЕК, со тендерската постапка што ја објави на 18 минатиот месец, треба да додели одобренија за три фреквенции, А1 за радиофреквенциски опсег 703-713/758-768 MHz (2×10 MHz) на целата територија, Б1 за радиофреквенциски опсег 1775-1785/1870-1880 MHz (2×10 MHz) и C1 за радиофреквенциски опсег 3,5-3,6 GHz (1×100 MHz).

Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите како еднократен надомест за добивање одобрение за користење на радиофреквенции за одобрението А1 изнесува 4.200.000 евра, за В1 1.500.000 евра, а за С1 2.320.000 евра. Критериум за избор на најповолен понудувач за доделување на одобренијата е висината на еднократниот надомест.

Одлуката за избор на понудувачи кои ќе учествуваат во постапката на јавно наддавање треба да се донесе во рок од 10 дена од отворањето на понудите. Во неа ќе се утврди местото и времето на одржување на јавното наддавање што нема да биде пократко од 14 дена и подолго од 30 дена од нејзиното донесување.

Понудувачот кој ќе се квалификува за јавното наддавање треба да уплати депозит во висина од 10 проценти од почетниот износ на пазарната вредност на радиофреквенциите на сметка на АЕК, најдоцна до денот определен за јавно наддавање. Најповолниот понудувач по спроведеното јавно наддавање, разликата помеѓу понудената цена на еднократниот надомест за добивање на одобрението за користење на радиофреквенции и уплатениот депозит треба да ја плати на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија во денарска противвредност по среден курс на Народна Банка во рок од 10 дена од денот на приемот на одлуката за избор на најповолен понудувач.

Учесниците на наддавањето, домашно и странско физичко или правно лице, меѓу останатото, не треба да поседуваат јавна радио комуникациска мрежа на територијата на Република Македонија. Треба да дадат писмена изјава дека ќе започне да ги користи радиофреквенциите определени во одобренијата до крајот на 2026 година. Одобренијата A1 и С1 се издаваат за период од 12 години, а одобрението В1 за осум години.

АЕК на 22 април годинава објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за нов мрежен оператор во државата, а на барање на „Оне Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската телеком-компанија „Фор-ај-џи“ ја регистрираше во државата по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.

По завршувањето на јавната расправа до АЕК пристигнаа Писма за искажување интерес од три заинтересирани страни: ОНЕМакедонија Телекомуникации ДООЕЛ Скопје, Битстрим Мобиле ДООЕЛ Скопје и од е& ппф Телеком Груп Б. В. Во државата има 681.997 резиденцијални при-пеид 1.010.947 пост-пеид претплатници, како и 249.052 деловни пост пеид.

Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги (малопродажно ниво) во првите три месеци од годинава Македонски Телеком има удел од 49,77, А1 Македонија од 47,71 процент, МТЕЛ, 1,34 проценти, Телекабел, 0,81 процент, Мтелмобајл, 0,25 проценти, Греен Мобиле, 0,12 проценти.

Според Испитувањето на јавното мислење од аспект на заштита на корисниците на електронски комуникациски услуги на Агенцијата за електронски комуникации, објавено на почетокот на минатиот месец, најниско задоволство има од цените на услугата мобилна телефонија со 55,9 проценти.

Анкетата покажала дека 68,9 проценти од испитаниците имаат двегодишен договор со некој од операторите, а 23,5 проценти немаат потпишано договор со временска рамка. Мнозинството од корисниците што склучуваат договор доплатиле за телефонски апарат (61 процент) или добиле телефонски апарат бесплатно (24,8 проценти). Најголем дел од испитаниците или 90 проценти користат интернет преку мобилниот телефон. Во врска со оваа услуга најголем степен на задоволство кај испитаниците има во однос на достапноста и брзината на мобилниот интернет (92 проценти), додека понизок во однос на цената на услугата (78 проценти).

Претплатниците во мобилната телефонија во државата, во четвртиот квартал лани, просечно иницирале 107,96 повици месечно, а зборувале 235,9 минути.