Трет ден активен пожарот на грчкиот остров Хиос

Трет ден продолжува битката на пожарникарите со огнените јазици на грчкиот остров Хиос, а од доцна синоќа до рано утрово беа испратени пораки од бројот 112 за итни случаи за евакуација на жителите на неколку населени места, јави дописничката на МИА од Атина.

Главните жаришта се во западниот дел на Хиос, а од вчера е прогласена вонредна состојба на островот.

На Хиос пристигнаа пожарникари од Атина, Солун, Кавала и Лезбос и интервенираат вкупно 444 пожарникари со 85 возила, 21 пешадиски тим, 30 волонтери, како и авиони и хеликоптери.

Во неделата напладне избувнаа три различни шумски пожари на островот, околу полноќ уште еден, додека пак вчера наутро избувна и петти пожар, за што министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција Јанис Кефалојанис коментираше дека „не е случајно“.

Вчера попладне Кефалојанис на Хиос одржа состанок и посочи дека „сериозно се истражува веројатноста за организирана криминална активност, односно подметнување на пожарите“.

-Кога пожарите избувнуваат истовремено на толку различни места, мора да зборуваме за сомнителна активност. И ако се потврди дека станува збор за координирани акции за палење, тогаш се работи за опасен, криминален напад врз општеството, животната средина и животот, истакна Кефалојанис.