Тренчевска: Ќе почне процесот на колективно усогласување на платите
„Заедно со претставниците на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и со останатите синдикати ќе седнеме на маса и ќе го отвориме процесот на колективно договарање и усогласувањето на останатите плати“. Ова синоќа го порача министерката за труд и социјална политика – Јованка Тренчевска.
Тренчевска посочи дека Владата веќе се изјаснила, дека апсолутно е подготвена да го отвори прашањето за донесување нов општ колективен договор за јавниот сектор, со кој ќе се уреди и правото на регрес за К-15 и правото на усогласување на платите со минималната плата.
„Нема решение за овие теми само за еден ден. Тие преговори траат и ние сме подготвени да ги започнеме. Затоа треба трпение и од страната на Синдикатот, бидејќи ние како Влада покажавме посветеност во решавањето на прашањата за унапредување на правата на работниците и на правата од работниот однос“ – рече Тренчевска на тв Сител.
Од ресорното Министерство потсетуваат дека со неодамна постигнатиот договор меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, минималната плата се зголеми за околу 3.000 денари.
Од 2017 година има континуирано раст на минималната плата.
Во 2017/2018 година се зголеми на 12.000 ден, во 2019 година на 12.507 ден, во 2020 на 14.500 денари и во 2021 на 15.194 ден.
Сега со новиот Закон за минимална плата таа изнесува 18.000 денари, за разлика од 2016 година, кога минималната плата беше во висина од 10.080 денари.