Тренчевска: Со предлогот на СДСМ за укинување на ДДВ ќе поевтинат над 250 категории на производи

Со усвојување на предлог законското решение на СДСМ за укинување на ДДВ на основните производи храна, граѓаните ќе може да заштедат и до 2.000 денари месечно.

„Со усвојување на предлог законското решение на СДСМ за укинување на ДДВ на основните производи храна, граѓаните ќе може да заштедат и до 2.000 денари месечно.

Со ова законското решение се опфатени над 250 категории на производи за кои ДДВ-то ќе се намали од 5% на нула проценти. Тоа ќе даде реален ефект и вистински ќе ги намали малопродажните цени на прехранбените производи, со што ќе се намали и вредноста на потрошувачката кошница. Учеството на храната и пијалакот во потрошувачката кошничка изнесува 23.000 денари, што значи ефектите од оваа мерка со заштеда и до 2.000 денари ќе влијае на заштита на стандардот на граѓаните и состојбата на семејните буџети“ рече денеска на прес-конференција во Собранието пратеничката од СДСМ, Јованка Тренчевска.

Таа напомена дека „Бенефитите ќе бидат за граѓаните а воопшто нема да ги оптоваруваат компаниите. Оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата. После еден месец се покажа дека владината мерка за замрзнување на маржите не донесе никаков резултат. Потрошувачката кошничка се намали само за 57 денари во споредба со минатиот месец, во период кога просечната плата се намали за 1.000 денари“.

„Затоа СДСМ ги повикува сите пратеници да го поддржат ова законско решение. Ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да не води политички инает врз грбот на граѓаните. Наместо постојано да одбива добри законски решенија предложени од опозицијата да се одважи и да ги поддржи. Нема ниту еден аргумент ВМРО-ДПМНЕ зошто е против оваа мерка, против ова законско решение за укинување на ДДВ-то на основните производи. Освен дека е против затоа што е поднесена од СДСМ“ рече пратеничката.