Тренчевска: Од утре ќе започне да функционираат нормално и училиштата и детските градинки

Јованка Тренчевска – министерката за труд и социјална политика се надева дека откако претставниците на СОНК ќе го известат членството дека е постигнат договор со Владата наставниците, професорите, воспитувачите и негувателите ќе се вратат на работните места од утре по што, како што рече, образовниот и згрижувачкиот процес ќе продолжи нормално.

„Вчера после три и пол часовен разговор, дијалог со претставниците на СОНК беше договорено денеска претседателот и Одборот на СОНК да ги известат членовите на СОНК и сите оние вработени во образовните институции и во детските градинки кои штрајкуваат дека е постигнат договор со Владата, односно дека е постигнат договор за 12 проценти покачување на платите со јулската плата, значи после ребалансот. Се надевам дека сите оние коишто штрајкуваа ќе се вратат на своите работни места“ рече таа.

Од утре, додаде Тренчевска, ќе започне да функционираат и училиштата и детските градинки нормално, децата ќе се вратат во градинките, учениците во училишта, родителите ќе се вратат на работните места затоа што поради штрајкот тие мораа да земаат годишен одмор, за да ги згрижат децата.