Тренчевска: Одбија плус 10% во време на криза – потврда дека интересите на децата не се земаат предвид

Јованка Тренчевска – македонската министерка за труд и социјална политика во врска со штрајкот организиран од СОНК вели дека местото на учениците е во училиште, а на предучилишните деца во градинка, како и дека одбивањето на понуденото решение од Владата за зголемување на платите на наставниците, воспитувачите и негувателите од 10% во време на светска криза е само потврда дека интересите на децата не се земаат во предвид, туку личните интереси на СОНК.

„Почнува втората недела откако децата се надвор од процесот на образование децата се надвор од процесот на згрижување и воспитување од детските градинки. Решението кое што го понуди Владата до претставниците на СОНК беше зголемување на платите за 10% на наставниците професорите, воспитувачите и негувателите, отворање на општ колективен договор и нова методологија за постојан раст на платите кој што ќе го следи растот на цените на трошоците на живот и растот на просечната плата. Ваквото решение беше одбиено од страна на СОНК што зборува дека не станува збор за интересите на децата и учениците туку СОНК постапуваат само согласно на своите лични интереси“ – рече Тренчевска.

Таа потсети дека во 2019 година порастот на платите во детската заштита бил зголемен за 21% и со овој пораст од 10% покачување на платите ќе е 31% за само неполни 3 години.

„За она што децата се се уште надвор од процесот на образование и од процесот на згрижување во установите за предучилишно  образование единствено се виновни СОНК како организатори на штрајкот, со тоа што го продолжија штрајкот, а не го прифатија реално доброто понудено решение од страна на Владата, МТСП и МОН. Владата прави се за да најде соодветно решение да најдеме заеднички јазик со СОНК за децата да се вратат во училиштата,  а да имаме покачување на платите на воспитувачите, негувателите, професорите, наставниците. Местото на децата е во училиштето, местото на децата е во градинките и единствено одговорни за ова доколку не се најде соодветно решение ќе биде токму СОНК како организатори на овој штрајк“ – рече Тренчевска.