Тренчевска: Не може цела помош за Кочани да бидат донациите од граѓаните

Зарем државата треба да дозволи само на донациите од граѓаните да се сведе целата поддршка на настраданите од Кочани, тоа е срам за власта, срам за владата, а тоа што денес го направи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ е срам за Собранието, истакна пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, во дебатната емисија „Топ тема“ на телевизија Телма.

Зарем државата треба да дозволи само на донациите од граѓаните да се сведе целата поддршка на настраданите од Кочани, тоа е срам за власта, срам за владата, а тоа што денес го направи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ е срам за Собранието, истакна пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, во дебатната емисија „Топ тема“ на телевизија Телма.

Тренчевска нагласи дека државата не одвојува средства за настраданите и за нивните семејства – жртви во една од најголемите трагедии во државата.

“Семејствата секојдневно ги гледаме како протестираат низ улиците на Кочани. Имаме 62 млади животи згаснати и 200 млади коишто во најголем дел се со траен инвалидитет, а во Буџетот има само 30 милиони денари за поддршка и помош на настраданите во Кочани. Тоа го потврди самата министерка за финансии, а тоа се малку пари”, рече Тренчевска.

Таа истакна дека не се работи само за обесштетување, се работи за континуирана здравствена заштита, за социјална заштита, за сето она, што особено на повредените, во овој момент најмногу им треба.

„Од тие причини го поднесовме амандманот, кој за жал не наиде на одобрување од мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН и многу ми е криво дека денес не сфатија дека граѓаните на Кочани, семејствата на настраданите заслужуваат поддршка од Владата и не го изгласаа амандманот”, нагласи Тренчевска.

Тренчевска истакна дека СДСМ нема тука да застане во напорите за помош и поддршка на настраданите во Кочани, откако и Предлог-законот поднесен од пратеничката група на СДСМ и коалицијата е блокиран во комисијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не може власта со 30 милиони денари да ги поддржи семејствата и оние 200 млади луѓе од Кочани кои што се повредени за време на пожарот и кои што имаат итна потреба од финансиски средства, а материјалите и медицинскиот материјал во голем дел им го обезбедува невладината Поддршка за Кочани”, рече пратеничката на СДСМ Јованка Тренчевска, во дебатната емисија „Топ тема“ на телевизија Телма.

Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека преку програми и преку министерствата ќе има системска поддршка за Кочани и сите потреби и помош којашто ќе биде потребна ќе биде обезбедена од државата.

„Со програмите коишто се во рамки на сите министерства, ќе имаме системска поддршка на граѓаните од Кочани не зборуваме за ад хок политичка поддршка којашто значи собирање на дневно политички поени врз туѓа несреќа, како што го прави тоа опозицијата.

Се спомнува лицемерие, знаете што е лицемерие, лицемерие е да сте министер во Влада во којашто ви се случува живи луѓе да изгорат во модуларната болница во Тетово и да не покажете никаква грижа за тие семејства. Па, зарем тие луѓе не заслужиле тогашна поддршка од владата и истата ваква грижа од овие, лица коишто тогаш биле на високо раководни позиции во владата да ја покажат и тогаш како што сега се обидуваат да ја прикажат. Е ,тоа е лицемерие, овде не зборуваме ние за лицемерие зборуваме за континуирана поддршка.

Целата јавност беше сведок на брзата реакција на државата веднаш откако се случи оваа несреќа којашто морам да потенцирам е резултат на лош изграден систем изминатите години во кој систем учествувале и овие личности коишто денеска се пратеници а претходно биле министри“, кажа Петрушевски и додаде:

„Сите повредени беа згрижени во странство со што се овозможи минимизирање на човечки жртви, добија најквалитетна здравствена нега во држави во коишто има таква најсофистицирана здравствена нега, тоа државата веднаш го направи. Сега се работи преку програми на Владата, во делот на Министерството за здравство, реновирање на болницата, во делот на Фондот за здравствено осигурување, каде што ќе се згрижат тие луѓе за рехабилитација во делот на одморалиштето во Пониква коешто се реконструира, и сите оние потреби коишто овие лица ги имаат.

Владата е во комуникација, ги слушаме овие луѓе и сите нивни потреби ќе бидат реализирани во согласност со постојаниот буџет и со програмите коишто ги имаме во министерствата и нема потреба од политиканството што го прават СДСМ. Нека не се грижи опозицијата, ние не сме како нив, нема да ги оставиме овие граѓани како што тие ги оставија семејствата од модуларната болница, од Ласкарци, од Беса Транс ние нема да покажеме таква бесчувствителност како што покажуваа тие изминатите 7 години. Сите нивни потреби ќе бидат задоволени и секоја помош којa што ќе им биде потребна ќе биде обезбедена од државата. Кочани ќе остане врвен приоритет на оваа влада и ќе има инвестиции во таа општина“, посочи Петрушевски.