Јованка Тренчевска – министерката за труд и социјална политика вели дека има придвижување и позитивни сигнали дека е можно наскоро да биде постигнато решение меѓу СОНК и МОН за штрајкот кој е во мирување да биде целосно прекинат, а платите во образованието зголемени.
„Министерството за труд и социјална политика не е дел од страните кои имаат спор. Тоа се МОН од една и СОНК од друга страна. Информирана сум од министерот за образование дека денеска од 10 часот требало да има состанок и тој сигурно се одржал. Преговорите продолжуваат, има придвижување и позитивни сигнали дека е возможно за многу скоро да се дојде до заедничко решение кое ќе значи прекин на штрајкот и покачување на платите во образованието“ порача Тренчевска од Струмица.
СОНК штрајкот го стави во мирување на 28. април откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот.
Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок е 10 дена. Доколку за 10 дена една од страните не е задоволна, се бара формирање на дополнително тело на помирување, така што максимум за 20 дена треба да заврши постапката.
Медијатор во спорот е Драгица Исаиловска-Митровска.