
СДСМ воопшто не се плаши од она што ќе го изјави Артан Груби во судот, изјави Јована Тренчевска од СДСМ во емисијата „Топ тема“ на тв Телма.
Таа оцени дека јавноста била доведена во заблуда со тврдењата дека Груби е уапсен, бидејќи, како што рече, тој сам се пријавил на граничен премин, по што бил спроведен во истражен затвор и во суд.
Тренчевска нагласи дека мора да се прави разлика меѓу само пријавување и апсење, односно приведување.
Според неа, дополнителен сомнеж отвора фактот што, како што тврди, службениците кои го привеле на границата не биле од граничната полиција, туку од друг оддел, што за неа упатува на можен претходен договор.
Рече дека СДСМ смета оти „театарот“ се случи на границата, а дека во судницата се видел договор.
Како аргумент го посочи тоа што, според нејзините наводи, на лице кое ја напуштило државата и 14 месеци не било во земјава, првично му била определена мерка притвор од 30 дена, но по враќањето и само пријавувањето мерката била преиначена во куќен притвор.