„На вработените во образованието и детските градинки кои штрајкуваат државата ќе им исплати само придонеси“.
Ова е пораката која денеска ја испрати министерката за труд и социјална политика – Јованка Тренчевска. Таа нагласи дека тоа не значи притисок кон нив да го прекинат штрајкот, туку само почитување на законите и Колективниот договор.
„Не се работи за притисок, ниту за каква било уцена, туку за почитување на законите и Колективниот договор. Во Колективниот договор за детска заштита за градинките кои се во надлежност на МТСП, убаво е дефинирано што треба да се прави во случај на штрајк и што е должен да направи работодавачот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи каде се вели дека во услови на штрајк работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член – 241 дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето плата за сите оние работници кои штрајкуваат. Затоа сметам дека се работи само за почитување на законите, а не за какви било притисоци или уцени од страна на МТСП врз вработените во градинките кои штрајкуваат“ – рече Тренчевска.
Таа нагласува дека доколку таа како министер не постапи согласно со тоа што е предвидено во законите, може да сноси и кривична одговорност.
„Јас како министер мора да го почитувам Законот и мора да го почитувам Колективниот договор. Се друго што ќе биде направено надвор од ЗРО и она што е мое законско овластување ќе биде злоупотреба на службена положба, а со оглед на тоа што е врзано со фискални импликации ќе значи кривична одговорност. Не сакам да се впуштам во нешто што ќе значи кривична одговорност поврзана со моето работење, ниту прекршување на законската регулатива“ – нагласи министерката.