Тренчевска: Законот за родова еднаквост не е исто што и Законот за матична евиденција

Законот за родова еднаквост не е исто што и Законот за матична евиденција. Законот за матична евиденција го третира родовиот идентитет, односно можноста на трансродово лице да може да ја смени ознаката во матичниот број онаму каде што се обележува родот, а Законот за родова еднаквост се фокусира на унапредување на положбата на жените во општество. Не губиме ништо од она што во моментот го имаме како право, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Министерката потенцира дека Законот за родова еднаквост ја унапредува положбата на жените во сите сфери на општественото живеење и што треба да направи државата за да ја унапреди положбата на жените во општеството.

Како што рече, со Законот за родова еднаквост ниту се третира менувањето на полот, ниту се третираат истополовите бракови.

-Направивме 18 јавни дебати во однос на Предлог законот за родова еднаквост. Законот се уште е во консултативен процес, не е ниту во собраниска, ниту во владина процедура. Продолжува широкиот консултативен процес, за да ги слушнеме сите заинтерсирани чинители и да дојдеме до решение кое ќе одговара на целото општество, изјави Тренчевска по денешниот брифинг со новинарите.

Според министерката, проблемот настанал со спојувањето на овие два закони. Како што рече, станува збор за два различни закони кои третираат различна проблематика.

-За Законот за измени и дополнување на Законот за матична евиденција, Владата во март 2022 година на седница донесе одлука да се повлече од собраниска процедура, за да се прошири консултативниот процес и да се изнајде решение кое ќе одговара на сите засегнати чинители во општеството, рече Тренчевска.

Прашана како го коментира вечерашниот протест на МПЦ, Тренчевска рече дека легитимно право е на секого да организира протест, но легитимно право е и да се каже вистината.

-Како борец за човекови права, не можам да кажам дека протест не смее да се одржува. Протестот е легитимно право на секој, но легитимно право е и да биде кажана вистината за двата закони, и за дефинициите и за механизмите. Протест може и по Устав и по закон да организира секој во државата, рече Тренчевска.

Според министерката, родовата еднаквост не е исто што и половата еднаквост.

-Поимот род и пол не е исто што и родов идентитет. Тое се дефинирани согласно постојната законска регулатива во државата и согласно она што државата го презела како обврска од Истанбулската конвенција, идентични се дефинициите во Предлог законот за родова еднаквост со Законот за заштита и спречување од насилство врз жените, правна несигурност во државата ќе постои ако имаме различни дефиниции во различни закони, додаде Тренчевска.