Тренчевска: Жените и мажите треба да имаат еднаков глас во граѓанскиот и политичкиот живот

Концептот на еднакви можности е еден од клучните приоритети на Владата на Република Северна Македонија, што значи дека жените и мажите треба да имаат еднакви права и  еднаков глас во граѓанскиот и политичкиот живот. Ова е концептот со кој нашата земја беше и се уште е призната како лидер во регионот“. Ова го изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во обраќањето на 66. седница на Комисијата за статусот на жените на ОН во Њујорк.

Од Министерството за труд и социјална политика информираа дека Тренчевска во својот говор се осврнала на достигнувањата и предизвиците во оваа област, кои, како што рекла, се главна мотивација и фокус во натамошното работење.

„Мора постојано да го имаме предвид фактот дека климатските промени не се родово неутрални и имаат силни родово базирани димензии. Сакам да го изразам моето огромно задоволство што нашата земја ја препозна важноста на ова прашање и стана една од првите во регионот што започна со вакви активности. Имено, почнавме како прва земја во регионот која номинираше родова фокална точка на UNFCC и за само пет години лесно можеме да потврдиме дека се приближуваме кон постигнувањето на нашата прва цел, развој на родово одговорни акции за климатски промени и политики за родова еднаквост со климатска отпорност“ – рекла Тренчевска.

Таа ја истакнала силната решителност и поддршката за создавање поодржлива иднина за сите, што значи, преземање амбициозни климатски акции, препознавање и воведување на социјална правда и справување со родовата различност.

Министерката изразила уверување дека Република Северна Македонија се согласува со изјавата на Европската Унија и најостро ја осудува воената агресија врз Украина, изразувајќи солидарност со украинскиот народ.