Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во денешното гостување на утринската програма на МРТ 1 зборуваше за политиките и мерките кои Министерството за труд и социјална политика ги креира и презема за унапредување на квалитетот на живот на граѓаните со акцент на ранливите категории.
Во Буџетот на Министерството за 2023 година проектирани се 203 милиони евра за поддршка за ранливи категории на граѓани, за навремени исплати на правата од системот на социјална заштита за граѓаните кои се во социјален ризик.
Министерката Тренчевска истакна дека, по пандемијата предизвикана од Ковид 19, светот се соочи со со енергетска и економска криза, од кои не сме поштедени ниту ние како држава. Во таа насока Владата креираше два пакети антикризни мерки со цел поддршка на граѓаните за полесно справување со последиците од кризата.
„Антикризните мерки опфатија 600. 000 граѓани кои имаат ниски приходи или ранливост. Во месец март оваа година, ги опфативме сите 330.000 пензионери со финансиска поддршка од 3000 ден. Со 3000 денари исто така беа опфатени и примателите на Гарантирана минимална помош. Од 1 декември обезбедивме дополнителни мерки кои опфаќаат поголем број социјално ранливи категории. Тоа се примателите на правото на социјална сигурност, лицата со попреченост над 26 год, децата со попреченост , самохраните родители приматели на ГМП, стечајните работници, пензионерите со пензии до 14.000 денари“ истакна Тренчевска.
Во областа на детската заштита министерката потенцираше дека Владата и министерството за труд и социјална политика, продолжува сериозно да вложува во изградба на нови детски градинки и обезбедување на поголем опфат на деца во нив.
„Во 2022 година отворивме 11 нови градинки, следната година продолжуваме со истото темпо. Од 2017 до денес имам отворен нови 74 објекти.
На тема минимална плата, министерката се осврна на растот на минималната плата од 2017 година до денес, а тоа за речиси 100 % повисока минимална плата за работниците во државата. „Градиме системски решенија, кои даваат резултати на долг рок. Решенија кои секоја година даваат зголемен приход за работниците. Во март ќе има повторно усогласување на минималната плата, согласно информациите кои ќе ги добиеме од Државниот завод за статистика во месец јануари. Со минималната плата растат и другите плати“ посочи Тренчевска.
Согласно новата методологија за усогласување на пензиите, пензионерите добија повисоки пензии во септември за 6.8%. Вакво усогласување ќе се прави два пати во годината, во март и септември.
„Во 2022 година, пензиите се покачија речиси 10%. Растот на пензиите е предвиден и со буџетот за 2023 година. За речиси една година пензионерите ќе добијат 16.7 % покачување , што е историско покачување досега, “ рече Тренчевска.
Во 2019 декември, минималната пензија беше 9.457 денари, во 2022 година, 10. 240 ден, во октомври 2022 минималната пензија беше 11.525 ден. Тоа е за 2000 денари повисока минимална пензија.