„Ги повикувам воспитувачите и негувателите да го нормализираат воспитно-згрижувачкиот процес и да ги прифаќаат децата во градинките, бидејќи секој изгубен час и ден од наставата оди на директна штета на раниот детски развој, кој е основата за понатамошен развој на секоја индивидуа.
Како Влада и Министерство кое води грижа не само за детскиот развој, туку и за унапредувањето на воспитно-згрижувачкиот кадар, имаме цврста определба да го продолжиме социјалниот дијалог од кој очекуваме да произлезат системски решенија кои одат во прилог на сите.
Владата и Министерството за труд и социјална политика и претходно докажаа дека имаат слух за барањата на воспитно-згрижувачкиот кадар во градинките и дека не бегаат од решенија со кои се унапредува нивниот економско-социјален статус. Докажавме и дека клучен приоритет е токму зголемувањето на платите на вработените во градинките кои се покачени за 21% во последните четири години, што е историски најголем раст.
Социјалниот дијалог е единствениот пат да дојдеме до заеднички решенија. Така постигнавме договор за минималната плата и за пензиите, тој е начинот на кој треба да се реши и овој предизвик.
Верувам дека интересот на децата ќе биде ставен на прво место. Градинките ќе ги отворат вратите, а преку силен постојан партнерски дијалог кој го продолжуваме со Синдикатот ќе изнајдеме модел со кој се обезбедува и гарантира постојан раст на платите за вработените во градинките“ порача денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.