Трајчевски: Партиите не се социјална категорија, треба да им се укине буџетското рекламирање

Партиското рекламирање со државни пари останува најголемата аномалија на изборните процеси, вели во разговор за БИРН, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски.

Партиското рекламирање со државни пари останува најголемата аномалија на изборните процеси, вели во разговор за БИРН, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски.

Тој смета дека моделот гради клиентелистички односи меѓу партиите и медиумите. Анализите на АВМУ откриле и дека новоотворени портали, меѓу кои и од странство, зеле буџетски пари за избори, користејќи го моментот дека нема контрола и транспарентност.

Партиите за реклами црпат пари од буџетот, кој, во зависност од тоа дали имаме единечни или двојни избори, се движи меѓу пет и десет милиони евра. Во агенцијата, со која раководи Трајчевски, во тек е регистрација на онлајн-порталите, но интересот е мал, бидејќи според Трајчевски, можеби некои од порталите се плашат дека со регистрацијата ќе мора да ги откријат и изворите на финансирање. Ваквиот начин на финансирање, тврди тој,  не е пракса во демократските држави.

-Јас не можам да најдам друга држава каде што вака се финансира платеното политичко рекламирање. Мислам дека тоа претставува сериозен извор на клиентелизам меѓу партиите и медиумите, а по завршување на изборите меѓу власта и медиумите, бидејќи распределбата на средствата не се прави согласно рејтингот или гледаноста и слушаноста, туку врз база на некои лични релации или чудни принципи.

Повеќе пари добиваат медиумите што се многу помалку гледани, од медиумите што се многу повеќе гледани. Тоа покажува дека целта на политичките партии не е да стигнат до поголем број гласачи со нивните идеи, предлози, начини за решавање на одредени проблеми во државата, туку да изградат некаков си однос со медиумите, кои потоа во иднина ќе го користат, без разлика дали ќе бидат на власт или во опозиција.

Ставот на агенцијата е дека ваквиот начин на финансирање на платеното политичко рекламирање треба да биде укинат. Партиите треба да си го финансираат своето рекламирање, бидејќи политиката и партиите не се социјална категорија за државата да им ги плаќа нивните активности. На ниту еден друг бизнис, државата не дава вакви субвенции.

Ако некогаш се смени Изборниот законик, тие што ќе сакаат да добиваат пари од буџетот за реклами на политичките партии, ќе мора да се регистрираат. Меѓутоа, сега како што е ситуацијата, повторно се остава сериозен простор за манипулации.

Нашето искуство од претходните избори покажува дека зад некои портали што добиваат пари за избори, не стојат директно политичките партии, туку поединци на врвот во партијата, кои си ги реализираат своите лични интереси.

Дополнително, нашата анализа покажа дека имаме уште еден вид портали, кои доаѓаат од странски држави. Не знаеме по која основа имаше портали од Косово, од Албанија, од Србија, од Данска, кои на минатите избори се пријавија тука, да добиваат пари.

Јас не сум слушнал дека во некоја друга држава може да дојде медиум од трета држава и таму да биде користен за платено политичко рекламирање. Се поставува прашањето и кому се обраќаат тие портали од Косово, Албанија и Србија, која е целната група за некој да се рекламира таму?-рече Трајчевски во интервју за БИРН.