Трас ќе ја посети Украина

Новата премиерка на Велика Британија – Лиз Трас ја прифати поканата да ја посети Украина и ја повтори „цврстата поддршка на Велика Британија за слободата и демократијата на Украина“ во време на нејзината војна со Русија.

Лиз Трас разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски во еден од нејзините први разговори со странски лидер откако стана премиер.

Таа рече дека со нетрпение очекува да работи со Зеленски и дека е среќна што ја прифатила поканата наскоро да ја посети Украина, соопштија од нејзиниот кабинет.

Зеленски на Твитер рече дека се „координирал“ со Трас за да изврши „дополнителен притисок“ врз Русија. Тој, исто така, се заблагодари на британската јавност за одбранбената и економската помош, велејќи дека „важно е Британија да биде подготвена дополнително да ја зајакне истата“.

Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, разговарал со Трас по телефон. Од нејзиниот кабинет соопштија дека со нетрпение очекува да работи со Бајден „за да се справи со заедничките предизвици, особено со екстремните економски проблеми предизвикани од војната на Путин“.