Големиот фаворит за наследник на Борис Џонсон на Даунинг стрит, Лиз Трас, вети денеска дека ќе дејствува „веднаш“ за кризата со трошоците за живот во Велика Британија, еден ден пред објавувањето на резултатите од премиерската трка во земјата.
„Ќе дејствувам ако бидам избрана за премиер. Ќе постапам веднаш по сметките и снабдувањето со енергија, бидејќи мислам дека тие одат заедно“, изјави Лиз Трас за Би-Би-Си.
Се очекува актуелниот 47-годишен шеф на британската дипломатија во понеделник да стане нов премиер на Велика Британија, наследувајќи го Борис Џонсон, кој на почетокот на јули беше принуден да поднесе оставка по неколкумесечниот скандал.
По три месеци кампања, околу 200.000 членови на конзервативната партија гласаа за наследник на Џонсон ова лето.
Економската политика секако беше во центарот на дискусиите кои се карактеризираа со десничарски ставови. Лиз Трас ги привлекуваше членовите со ветување големи намалувања на даноците, додека нејзиниот ривал Риши Сунак, богат поранешен банкар, губеше поени заговарајќи економски реализам далеку од „бајките“.
Изборот на новиот премиер се очекува да биде објавен утре во 12:30 часот по локално време (13:30 часот по средноевропско време).
Доколку биде избрана, Лиз Трас ќе влезе во Даунинг стрит во експлозивен економски и социјален контекст, со инфлација која ќе надмине 10 проценти и огромен скок на цените на енергијата им се заканува на семејствата, како и на училиштата, болниците и бизнисите.
Иако денес вети дека ќе дејствува „уште во првата недела“ за да ги олесни британските домаќинства, таа одби да објасни во што ќе се состојат конкретните мерки што таа има намера да ги преземе.