Францускиот претседател Емануел Макрон е пријател на Велика Британија, изјави во Прага британската премиерка Лиз Трас.
Таа за шефот на француската држава за време на предизборната кампања во август рече дека се уште не одлучила дали тој е пријател или непријател.
Тесно соработувам со претседателот Макрон и француската влада и разговаравме за заедничка соработка во изградбата на нуклеарни централи и во обезбедувањето енергетска безбедност, рече Трас.
Британскиот премиер истакна дека и на Макрон и на неа им е јасно дека непријател е рускиот претседател Владимир Путин.
Трас зборуваше на првиот самит на Европската политичка заедница, собир чиј формат беше идеја на Макрон, а на кој се собраа 27 членки на ЕУ и 17 други европски земји.
Историски сложените односи меѓу Обединетото Кралство и Франција станаа затегнати откако Британија ја напушти ЕУ на почетокот на 2020 година, со тензиите зголемени со споровите околу граничната контрола и протокот на мигранти од Кале, Франција, во јужна Англија.
Веднаш по преземањето на функцијата, Трас се сретна со Макрон во Њујорк, каде што учествуваа на Генералното собрание на ОН, а по разговорот францускиот претседател изрази очекување дека двете земји ќе станат сојузници и пријатели во сложената светска ситуација.