Иван Перишиќ и официјално е нов член на сплитскиот гигант, Хајдук! Оваа информација одекна како „бомба“ во регионот, иако многумина периодов шпекулираа и го најавуваа овој трансфер.
Навивачите се во вистински транс и се презадоволни што легендата на хрватскиот фудбал по скоро 17 години се враќа во родниот град и се очекува да биде огромно засилување за тимот. Денес треба да се случи и официјалната промоција, а Хајдук со големо задоволство го најави доаѓањето на играчот кој зад себе има пребогата кариера, исполнета со неколку важни трофеи.
„Среќен сум што дојдов во родниот град и што ќе имам можност да заиграм за Хајдук. Голем клуб со богата и трофејна традиција. Се надевам дека моето искуство на најдобар можен начин ќе го пренесам на сите во тимот и заедно ќе целиме кон големи успеси“, изјави Перишиќ веднаш по доаѓањето во Сплит.
Иван Перишиќ важи за еден од најдобрите хрватски фудбалери на сите времиња. Беше дел од „златните“ генерации на „коцкестите“, кои се закитија со сребрениот медал на Мундијалот во 2018 година, а потоа и со бронзениот на следното Светско првенство во Катар. За Хрватска досега има запишано 129 натпревари и постигнато 33 гола, а во својата клупска кариера играше за повеќе европски гиганти како Клуб Бриж, Волфсбург, Борусија Дортмунд, Интер, Баерн Минхен и Тотенхем.