Транспаренси: Oктомври исполнет со матни случаи и суспензии, еден од нив е предметот Пулс

Според најновите наоди, октомври донел повеќе случаи кои укажуваат на сериозни институционални слабости, но и неколку позитивни примери на институционална реакција.

Транспаренси Интернешнл – Македонија го објави октомврискиот извештај „Бистро – Матно“, во рамки на редовниот барометар за следење случаи поврзани со корупција и мерки против неа. Според најновите наоди, октомври донел повеќе случаи кои укажуваат на сериозни институционални слабости, но и неколку позитивни примери на институционална реакција.

Управата за јавни приходи суспендираше неколку вработени во рамки на предистрага за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Обвинителството истражува нови докази и инволвираност на повеќе институции.

„Со поднесувањето на обвинението не завршија постапките за другите инкриминирачки дејствија“, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Само третина од учесниците во изборната кампања доставиле извештаи за донации
Државната комисија за спречување на корупцијата информира дека извештаи за примени донации поднеле само 35% од учесниците во изборниот процес. Според ДКСК, рокот за доставување извештаи завршил на 9 октомври, а поднесени се вкупно 61 извештај.

Владеењето на правото – без напредок

Македонија се наоѓа на 64 место од 143 земји во најновиот „Индекс на владеење на правото“ на World Justice Project. Најниска оценка земјата има во категориите ограничување на моќта на властите (80 место) и спроведување регулативи (89 место), додека најдобро се рангира во безбедноста и редот (44 место).

Ревизија со забелешки за „Пошта на Македонија“.

Државната ревизија утврди дека „Пошта“ повторно работи со загуби и раст на бројот на вработени и хонорарци. Само во 2024 година трошоците за ангажирања по договор пораснале за речиси 29 милиони денари. Сомнежи има и за наплатливост на побарувања од над 50 милиони денари.

„Бистри“ настани

Отворена истрага за злоупотреби во домови за стари лица

Обвинителството во Скопје отвори истрага против две лица – сопственички на приватни установи за сместување стари лица, осомничени за злоупотреба на службена положба и повреда на правата на згрижените.

Истрага за злоупотреби во РЕК Битола
Јавното обвинителство Битола поведе постапка против девет лица – меѓу кои поранешниот директор и раководители на РЕК Битола, поради сомневање за манипулации со јавни набавки во 2023 година.

Притвор и мерки на претпазливост во случајот со прилепската болница
Во истрагата за злоупотреби во Општата болница во Прилеп, за шест лица е побаран притвор, а за петнаесет се изречени мерки на претпазливост. Се испитуваат сомнежи за фиктивни набавки и неправилности при трошење јавни пари.

Кривична пријава за поранешен раководител во „Национални шуми“ – Битола

Поранешен раководител е осомничен за несовесно работење во службата, откако овозможил испорака на дрвна маса без претходна уплата, со што на јавниот субјект му била нанесена штета од над 320 илјади денари.

Барометарот останува огледало на институционалната транспарентност

Од Транспаренси Интернешнл – Македонија посочуваат дека преку ваквото следење на случаи, јавноста добива појасна слика за тоа каде државата успева да реагира, а каде системот продолжува да толерира неказнивост.