
Доналд Трамп ја предупреди потпретседателката на Венецуела и вршител на должноста претседател Делси Родригез да не им се спротивставува на САД.
„Ако не го стори она што е исправно, ќе плати многу висока цена, веројатно повисока од Мадуро“, изјави американскиот претседател за „Атлантик“ во телефонско интервју утрово според американско време.
Трамп додаде дека Венецуела можеби не е последната земја во која САД би можеле да интервенираат. „Апсолутно ни е потребен Гренланд“, рече тој, истакнувајќи дека островот е „опкружен со руски и кинески бродови“.
Во своето прво јавно обраќање, привремената лидерка на Венецуела, Делси Родригез, упати остар тон кон САД и изрази лојалност кон венецуелскиот претседател Николас Мадуро, но во исто време се наоѓа во исклучително чувствителна политичка позиција, анализира Гардијан.
Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино Лопез, изјави дека војската ѝ дала поддршка на потпретседателката Делси Родригез да дејствува како привремен претседател на Венецуела.
Соборениот венецуелски претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се префрлени во Њујорк по големата американска воена операција во Венецуела.
Мадуро е задржан во притворен центар во Бруклин, каде што чека судење по обвинение за трговија со дрога и оружје. Во меѓувреме, Врховниот суд на Венецуела ја именуваше потпретседателката Делси Родригез за вршител на должноста претседател.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес треба да се појават пред федералниот суд во Менхетен утре, според портпаролот на судот.
Рочиштето е закажано за 12:00 часот по локално време (18:00 часот по македонско време).