Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го критикуваше премиерот на Израел, велејќи дека Бенјамин Нетанјаху не бил подготвен за напад на палестинската милитантна група Хамас.
„Не беше подготвен. Израел не беше подготвен. А со Трамп не би морале ниту да бидат подготвени“, изјави Трамп за „Фокс њуз“, пренесува Ројтерс.
Обраќајќи им се на приврзаниците на митинг во Флорида, поранешниот американски претседател рече дека во текот на минатата недела некои работи тргнале наопаку.
„Мора да го поправат тоа, бидејќи се борат со потенцијално голема сила. Тие потенцијално се борат против Иран. Не можат да играат, мора да станат посилни“, изјави Трамп.
Тој додаде дека членовите на Хамас се „злобни“ и дека светот никогаш не видел такви сцени.
„Кога имате луѓе во Израел кои зборуваат погрешни работи, овие луѓе го следат сето тоа, бидејќи се зли и паметни“, рече Трамп.
Тој потсети дека во 2020 година САД го убиле командантот на елитните ирански сили Кудс, генерал Касем Сулејмани, а според него, Нетанјаху одбил да им пружи помош на Американците.
„Никогаш нема да заборавам дека Биби Нетанјаху не изневери. Тоа беше страшна работа. Бевме многу разочарани, но на крајот тоа го направивме самите со апсолутна прецизност. Подоцна Биби се обиде да земе заслуга за тоа“, рече Трамп.
На неговите коментари одговори гувернерот на Флорида и противкандидат за претседателските избори, Рон Десантис.
„Апсурдно е некој, а уште помалку некој што се кандидира за претседател, сега да го напаѓа нашиот пријател и сојузник“, напиша Десантис на социјалните мрежи.