
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави ќе одговорат „многу значајно“ доколку Канада продолжи со трговскиот договор што го договорила со Кина.
– Ако постигнат договор со Кина, да, ќе направиме нешто многу значајно, изјави Трамп пред новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ на пат од Вашингтон кон Флорида.
– Не сакаме Кина да ја преземе Канада. А ако склучат договор каков што Кина сака да склучи, Кина ќе ја преземе Канада, додаде американскиот претседател.
Трамп минатата недела се закани со воведување царини од 100 проценти за стоки увезени од Канада доколку таа земја продолжи со спроведување на трговскиот договор со Кина. Трамп во објава на социјалните мрежи тогаш оцени дека канадскиот премиер Марк Карни „длабоко греши“ ако мисли дека Канада ќе стане „пристаниште за претовар“ преку кое Кина ќе испраќа стоки и производи во САД. „Кина буквално ќе ја изеде Канада, ќе ја проголта цела, вклучително и ќе ги уништи нејзините бизниси, општественото ткиво и општиот начин на живот. Доколку Канада склучи договор со Кина, веднаш ќе се соочи со 100% царини за сите канадски стоки и производи што влегуваат во САД“, напиша Трамп на Трут Соушл пред една недела.
Канада во јануари се согласи на договор со Кина со кој се намалуваат царините за кинеските електрични возила, додека Кина, пак, ги намалува увозните даноци за канадските земјоделски производи.