Трамп рече дека Камала Харис е глупава и парадираше со бонбони на митинг

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ја навреди демократската ривалка Камала Харис и ја критикуваше нејзината политика во говорот во средата, додека неговите сојузници се залагаат за промена на реториката со надеж дека ќе се опорават од тешкиот период во кој неговото водство во анкетите целосно исчезна.

Некои сојузници, донатори и советници изразија загриженост за нападите на Трамп врз менталниот капацитет на американскиот потпретседател и предложија наместо тоа да се фокусира на, како што велат, неуспешните политики што Харис ги промовираше додека беше на функцијата.

Обраќајќи им се на поддржувачите во Ешвил, Северна Каролина, Трамп се оддалечи од зборовите што го доведуваат во прашање расниот идентитет на Камала Харис и зборуваше за нејзината политика подетално отколку на другите неодамнешни настани.

Но, тој продолжи да ја навредува лично, во еден момент ја нарече „глупава“, а нејзината смеа ја окарактеризира како кикотење, велејќи:

„Тоа е смеа на човек кој има големи проблеми“.

Покрај тоа, Трамп на митингот парадираше со бонбони „Тик Так“. Имаше еден минијатурен пакет и еден нормален пакет и разговараше со нив за растот на цените и инфлацијата.

Откако стана претседателски кандидат на Демократската партија, откако претседателот Џо Бајден се откажа од сопствената кандидатура за реизбор минатиот месец, Харис драматично ја промени трката.

Анкетите постојано покажуваат дека таа ја намалува разликата во однос на Трамп, а според некои, сега е во водство за претседателските избори на 5 ноември.

Тој бран ја потресе кампањата на Трамп, а тој одговори со навреди.

Имплицираше дека Харис, чија мајка е родена во Индија и чиј татко е роден во Јамајка, неодамна го прифатила нејзиниот идентитет.

Некои републиканци ја оцрнуваат со расистички и сексистички напади.

Некои сојузници на Трамп велат дека тој пристап наштетил на неговата кампања.