Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека е „многу навреден“ кога рускиот претседател Владимир Путин зборуваше за поддршка на неговиот изборен ривал, американската потпретседателка Камала Харис.
Говорејќи на предизборниот митинг во Мосине, Висконсин, Трамп ја критикуваше Белата куќа за, како што рече, лажното тврдење за руско мешање во изборите.
– О не, Русија повторно, повторно и повторно – рече Трамп, инсистирајќи дека конфликтот во Украина никогаш немаше да се случи доколку тој беше претседател во тоа време.
Тој рече дека добро го познава Путин.
– И знаете, тој поддржа – не знам дали видовте пред некој ден – ја поддржа Камала. Бев многу навреден од тоа. Се прашувам зошто ја поддржа Камала – рече Трамп.
Тој рече дека Путин е „шахист“.
– Се прашувам дали зборуваше за Харис со насмевка на лицето – додаде Трамп.
Запрашан за време на меѓународниот економски форум во Владивосток во четврток, 5 септември, дали има фаворит на изборите во САД, Путин рече дека ќе ја поддржи Харис.
Путин, исто така, рече дека Трамп воведе повеќе санкции за Русија од кој било претседател пред него и посочи дека Харис може да се воздржи од такви мерки.
Некои американски медиуми, вклучително и Си-Ен-Ен, сугерираа дека рускиот претседател „едноставно ја тролал“ Харис.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, одби да образложи што мисли претседателот, велејќи дека внатрешната политика на САД не е приоритетно прашање за Кремљ.
Самата Камала Харис не го коментираше ова прашање, додека Белата куќа најави дека Путин не треба да фаворизира ниту еден кандидат.