Доналд Трамп, кој беше критикуван за фалењето на Владимир Путин додека беше претседател на САД, го даде својот прв јавен коментар за смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални, но притоа никого не обвини.
„Ненадејната смрт на Алексеј Навални ме направи посвесен за она што се случува во нашата земја. Тоа е бавна, постојана прогресија со расипани радикални леви политичари, обвинители и судии кои нѐ водат по патот на уништувањето. Отворени граници, наместени избори и ужасно неправедни судски одлуки ја уништуваат Америка, ние сме нација која пропаѓа“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
За разлика од Трамп. Џо Бајден директно го посочи Путин како виновник за смртта на 47-годишниот Навални, кој почина во петокот во еден од најстрогите и најзафрлени руски затвори, сместен северно од Арктичкиот Круг. Кремљ ги отфрли западните обвинувања дека Путин е одговорен за смртта на Навални.
Руските власти кажаа дека и натаму се утврдува причината за смртта на Навални, кој постојано беше во затвор од јануари 2021, кога се врати во Русија по обидот за труење.
„Владимир Путин го уби мојот сопруг, но јас ќе ја продолжам работата на Алексеј Навални и ќе продолжам да се борам за мојата земја. Знаеме точно зошто Путин го уби Алексеј пред три дена и наскоро ќе го кажеме тоа“, изјави Јулија Навалнаја.