Трамп: Поднесоа ново обвинение против мене, очекувам да ме уапсат

Доналд Трамп изјави дека е под понатамошна истрага и дека планираат да го уапсат поради немирите на 6 јануари во Капитол и неговите обиди да ги оспори резултатите од изборите во 2020 година. Тој на социјалните мрежи објави дека во неделата вечерта, обвинителот Џек Смит го известил дека е дел од нивната истрага и дека треба да се пријави пред Големата порота, што речиси секогаш значи апсење и покренување обвинение.

Ова би било трето кривично обвинение против Трамп. Имено, Смит и неговиот тим веќе го обвинија Трамп дека ризикува да открие национална тајна со тоа што земал илјадници доверливи документи со себе кога ја напуштил Белата куќа во јануари 2021 година и ги чувал тие документи на неовластен начин во неговата Мар-а-Лагу на Флорида и во неговиот голф клуб во Њу Џерси, пишува Би-би-си.

Овие документи содржат информации за тајната американска нуклеарна програма и потенцијалните ранливости во случај на напад, според обвинението од 37 точки. Во него се наведува и дека Трамп ги лажел службениците кои се обиделе да ги земат документите. Трамп е обвинет и за фалсификување деловни записи поврзани со исплати на ѕвездата на филмови за возрасни Сторми Даниелс.

Инаку Трамп е главен кандидат за републиканската претседателска номинација во 2024 година, со двоцифрена предност во анкетите пред неговиот главен ривал, гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис. Таа предност порасна во изминатите четири месеци и покрај објавувањето на обвиненијата. Трамп во повеќе наврати изјави дека политичките противници сакаат да го спречат неговото враќање во Белата куќа преку истраги и обвиненија.