Трамп нареди САД да се повлечат од СЗО

САД ќе се повлечат од Светската здравствена организација, изјави претседателот Доналд Трамп, додавајќи дека глобалната здравствена агенција лошо се справила со пандемијата ковид-19 и други меѓународни здравствени кризи.

САД ќе се повлечат од Светската здравствена организација, изјави претседателот Доналд Трамп, додавајќи дека глобалната здравствена агенција лошо се справила со пандемијата ковид-19 и други меѓународни здравствени кризи.

Трамп рече дека СЗО не успеала да биде независна од „несоодветно политичко влијание од земјите-членки“ и барала „неправедно тешки плаќања“ од САД кои се непропорционални со износите кои ги даваат други, поголеми земји, како што е Кина.

„СЗО нè крадеше, сите тие крадат од Соединетите Држави. Тоа нема да се повтори“, рече Трамп при потпишувањето на извршната регулатива за повлекување, веднаш по неговата инаугурација за втор мандат.

Овој потег значи дека САД ќе ја напуштат здравствената агенција на Обединетите нации за 12 месеци и ќе ги стопираат сите финансиски придонеси за нејзината работа. Соединетите Американски Држави се убедливо најголемиот финансиски поддржувач на СЗО, со околу 18 отсто од вкупното финансирање. Последниот двегодишен буџет на СЗО, за 2024-2025 година, изнесуваше 6,8 милијарди долари.

Заминувањето на САД најверојатно ќе ги загрози програмите низ организацијата, според неколку експерти во и надвор од СЗО, особено оние кои се борат против туберкулозата, најголемиот убиец од заразните болести во светот, како и ХИВ/СИДА и други здравствени итни случаи.

Во регулативата на Трамп се наведува дека администрацијата ќе ги прекине преговорите за договор за пандемија на СЗО додека е во тек повлекувањето. Американскиот персонал кој работи со СЗО ќе биде отповикан и преместен, а владата ќе бара партнери кои ќе ги преземат неопходните активности на СЗО, според регулативата.

Следни најголеми донатори на СЗО се Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, иако најголем дел од тоа финансирање оди за искоренување на детска парализа, потоа глобалната алијанса за вакцини Гави, проследена со Европската комисија и Светската банка.

Следниот најголем национален донатор е Германија, која обезбедува околу 3 проценти од финансирањето на СЗО.

Повлекувањето на Трамп од СЗО не е неочекувано. Тој презеде чекори да ја напушти организацијата уште во 2020 година, за време на својот прв мандат како претседател, обвинувајќи ја СЗО за помагање на кинеските напори да го „измами светот“ за потеклото на ковид.

Трамп, исто така, ги суспендираше американските придонеси за агенцијата во 2020-2021 година, што ја чинеше речиси 200 милиони долари, додека се бореше со најлошата здравствена криза во светот на векот.

Според американскиот закон, напуштањето на СЗО бара отказен рок од една година и плаќање на сите неподмирени обврски. Пред да се заврши повлекувањето на САД минатиот пат, Џо Бајден победи на претседателските избори во земјата и го прекина на својот прв ден на функцијата на 20 јануари 2021 година.