Трамп му се закани на Цукенберг: Го следиме внимателно и ако овој пат направи нешто незаконско, ќе го помине остатокот од животот во затвор

Доналд Трамп, во новата книга „Спасете ја Америка“, која треба да биде објавена следната недела, му се заканува на Марк Цукерберг и на секој друг што незаконски се меша во изборите со доживотен затвор доколку победи на претседателските избори.

Книгата треба да биде промовирана следната недела, а таа доаѓа неколку дена откако медиумскиот магнат Цукерберг сензационално призна дека Белата куќа вршела притисок на Фејсбук да ги цензурира содржините за Ковид-19 и приказната за лаптопот на Хантер Бајден.

Исто така, ова „дело“ на поранешниот претседател се појавува во деновите кога во Париз беше уапсен и ослободен основачот на „Телеграм“ – Павел Дуров, а додека на Илон Маск му се заканува затвор во Бразил.

Кога станува збор за Цукерберг, во писмото со покајание до Претседателскиот комитет на Конгресот во кое се истражува злоупотребата на медиумските платформи кои го прекршиле Првиот амандман на Уставот на САД (правото на слобода на говор), тој нагласи дека бил принуден да го цензурира јавниот говор!

– Во 2021 година, високи функционери од администрацијата на Бајден, вклучително и Белата куќа, постојано вршеа притисок врз нашите тимови со месеци да цензурираат одредени содржини на Ковид-19, вклучувајќи хумор и сатира, и изразија многу „фрустрација“ со нашите тимови кога не се согласувавме – му напишал основачот на „Фејсбук“ на Џим Џордан, кој ја води истрагата во Конгресот. – Сметам дека притисокот на власта беше погрешен и жалам што не бевме поотворени за тоа. Исто така, мислам дека направивме некои избори кои, во ретроспектива, во светлината на новите информации, немаше да ги направиме денес – напиша тој.

Шефот на META призна дека „Фејсбук“ погрешно ја цензурирал приказната за лаптопот на Хантер Бајден, како резултат на предупредувањето на ФБИ дека претставува „потенцијална руска операција за дезинформација“ и покрај тоа што приказната е целосно вистинита!

Во очекуваната книга „Спасете ја Америка“, Трамп вели дека „внимателно го набљудува (Цукерберг)“ пред изборите во ноември.

Според „Њујорк пост“, кој цитира делови од книгата, поранешниот претседател опишува и како „за време на функцијата“ Цукерберг го посетил со својата многу убава сопруга на вечера.

– Ми кажа дека нема никој како Трамп на Фејсбук. Но, во исто време тој насочи се против мене – пишува екс претседателот.

– Го следиме внимателно и ако овој пат направи нешто незаконско, ќе го помине остатокот од животот во затвор, како и другите што мамат на претседателските избори во 2024 година – додава тој.