Трамп и Навроцки разговараа по соборувањето на дроновите што го нарушија полскиот воздушен простор

Американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со својот полски колега Карол Навроцки откако Полска собори дронови што вчера го нарушија нејзиниот воздушен простор.

Американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со својот полски колега Карол Навроцки откако Полска собори дронови што вчера го нарушија нејзиниот воздушен простор.

Трамп се сретна со Навроцки во Белата куќа минатата недела.

„Овој разговор е дел од серија консултации што ги водам со нашите сојузници“, напиша полскиот претседател Карол Навроцки на „Х“. „Денешните разговори го потврдија нашето единство“, додаде тој.

Полската војска го нарече нарушувањето на полскиот воздушен простор „чин на агресија“. Варшава побара консултации според член 4 од договорот за НАТО. Член 4 предвидува консултации ако членка на алијансата смета дека постои закана за нејзиниот територијален интегритет, независност или безбедност.

Рускиот вршител на должноста амбасадор во Варшава, Андреј Ордас, беше повикан во полското Министерство за надворешни работи вчера попладне, каде што му беше врачена протестна нота. Рускиот претставник негираше дека дроновите биле руски.

Полска добила понуди за поддршка за својата воздушна одбрана од своите европски сојузници, објави вчера полскиот премиер Доналд Туск по разговорите со лидерите на Франција, Германија, Велика Британија, Италија, Холандија, Украина и НАТО.