
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја отстранува Романија од програмата за безвизно патување во САД, објави Ројтерс.
Претходната администрација на претседателот Џо Бајден на 9 јануари објави дека ја прифаќа Романија во програмата врз основа на тоа што земјата ги исполнила строгите безбедносни барања. Визите за романските граѓани требаше да бидат укинати до крајот на март. Сепак, потоа беше објавено дека мерката е замрзната во исчекување на нова ревизија на одлуката за укинување на визите. Резултатот од повторната проценка е дека Романија е отстранета од програмата.
„Благодарни сме на Романија за нејзиното блиско партнерство во текот на годините за подобрување на безбедносната соработка. Романија може да се разгледа за прием (во програмата за безвизно патување) во иднина“, изјави помошник-секретарката за внатрешна безбедност Триша Меклафлин.
Романија беше 43-та земја вклучена во програмата, а четвртата додадена од администрацијата на Бајден, по Хрватска, Израел и Катар.
„Жалиме за оваа одлука, со оглед на тоа што Романија ги исполни сите елементи што американското законодавство ги предвидува за пристап во рамките на Програмата за укинување на визите. Сепак, ова е политичка одлука што е дискреционо право на американските власти и ги одразува приоритетите на администрацијата“, соопшти романското Министерство за надворешни работи, цитирано од агенцијата „Агерпрес“.
Министерството додаде дека „романската влада и сите надлежни романски институции и тела ќе продолжат да преземаат дипломатски и технички чекори за добивање безвизен режим за романските граѓани“.
„Романија ги исполни сите технички услови што ги препорача американската администрација. Во контекст на новата политика на американската администрација, сакаме да ја продолжиме нашата соработка за да може прегледот на кандидатурата на нашата земја да се одржи што е можно поскоро. Романската влада смета дека е од суштинско значење американските партнери да ги пренесат сите технички детали што беа основа за привремено суспендирање на одлуката на Романија за влез во програмата за безвизно патување, за да можат романските власти да подготват детални одговори за секое прашање“, се вели во соопштението на романската влада.