
Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва, на почетокот на состанокот со европските лидери во Белата куќа, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин прифаќа безбедносни гаранции за Украина.
„Верувам дека Путин, во многу значаен чекор, се согласува дека Русија ќе прифати безбедносни гаранции за Украина“, рече Трамп.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега, Доналд Трамп, изразија надеж дека денешните клучни разговори во Белата куќа со европските лидери би можеле да доведат до трилатерален состанок со рускиот претседател Владимир Путин за да се стави крај на војната на Русија во Украина.
Американскиот претседател, исто така, рече дека ќе ги поддржи европските безбедносни гаранции за Украина. Тој не се обврза да испрати американски трупи за таа цел, туку рече дека ќе има „нешто како присуство во стилот на НАТО“ за безбедност, но сите тие детали ќе бидат договорени на денешниот состанок со лидерите на ЕУ.
„Кога станува збор за безбедноста, ќе има многу помош“, рече Трамп, додавајќи дека европските земји ќе бидат вклучени во тој поглед. „Тие се на првата линија на одбрана затоа што се таму, но ние ќе им помогнеме“, додаде тој.
Денешната средба беше брзо организирана откако Трамп разговараше со Путин во петокот и рече дека сега одговорноста паѓа на Зеленски да направи отстапки што би можеле да ја завршат војната.
„Доколку сè помине непречено денес, ќе имаме трилатерален состанок“, рече американскиот претседател, осврнувајќи се на разговорите Зеленски-Путин-Трамп. „Ќе работиме со Русија, ќе работиме со Украина“, рече американскиот претседател, додавајќи дека доколку состанок во таков формат не се одржи, борбите ќе продолжат.
Трамп, исто така, рече дека планира да разговара со Путин по денешните разговори.
Зеленски, исто така, изрази подготвеност за трилатерални разговори.
„Подготвени сме за трилатерален состанок, како што рече претседателот“, рече украинскиот лидер на почетокот од разговорот со Трамп и изрази мислење дека ова е добар сигнал.
Американскиот претседател наговести дека повеќе не верува дека преговорите за прекин на огнот се неопходен предуслов за постигнување мировен договор. Со тоа, тој ја поддржа позицијата изразена од Путин, а отфрлена од Зеленски и повеќето европски лидери.
По билатералните разговори, Зеленски и Трамп започнаа мултилатерален состанок со неколку европски лидери, меѓу кои претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, финскиот претседател Александар Стаб и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, за да разговараат за тоа како да се стави крај на војната во Украина.