(Видео) Трамп застрелан со куршум во уво на предизборен митинг во Пенсилванија, атентаторот е убиен

Поранешниот претседател бил ранет во увото со куршум што атентаторот го истрелал од пушка, најверојатно од позиција на покривот на зграда спроти бината на која говорел претседателскиот кандидат на републиканците.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е ранет при атентат за време на предизборен митинг во Пенсилванија, во сериозен инцидент што ќе има огромно влијание врз кампањата и изборите во ноември.

Трамп бил ранет во увото со куршум што атентаторот го истрелал од пушка, најверојатно од позиција на покривот на зграда спроти бината на која говорел претседателскиот кандидат на републиканците. Трамп објави дека се чувствува добро, дека му била укажана итна помош и најави дека ќе продолжи со планираните активности од кампањата.

Осомничениот атентатор, пак, бил итно лоциран и ликвидиран од припадници на Тајната служба што се грижат за безбедноста на поранешниот претседател. При атентатот било убиено едно лице што учествувало на митингот, а уште неколкумина биле ранети. Службите не го објавија итно името на ликвидираниот атентатор ниту имаат цврсти сознанија дали дејствувал сам и кои му биле мотивите.

Инцидентот бил снимен од низа камери. Само што Трамп го почнал своето обраќање до симпатизерите, се слушнале неколку истрели, по што се гледа како тој клекнува и рефлексно се фаќа за десното уво. Припадници на Тајната служба итно го извлекле од бината и го префрлиле во возило за да го однесат до локален медицински центар. Лекарите што му ја третирале раната истакнале дека тој е општо добар и дека не изгубил многу крв.

– Во истиот миг знаев дека нешто не е во ред. Слушнав зуење, истрели и итно го почувстував куршумот што ми ја проби кожата. Ми потече многу крв, па дури тогаш сфатив што се случува – напиша Трамп на својата социјална мрежа.

Тој им се заблагодари на Тајната служба и на сите други служби поради итната реакција.

– Најважно е да им изразам сочувство на семејството на лицето што беше убиено и до семејствата на оние што беа ранети. Неверојатно е таков чин да се случи во нашата земја. Господ да ја благослови Америка – порача Трамп.

Претставникот на Тајната служба Ентони Гуљелми соопшти дека агенти на службата смртно го застрелале осомничениот атентатор, чиј идентитет е откриен. Тој додаде дека уште едно лице било рането и дека уште две биле „критично ранети“, но не објасни дали од атентаторот или од агентите во обидот да го ликвидираат.

Гуљелми додаде дека биле преземени сите потребни мерки за заштита и дека Трамп е безбеден, но не кажа како било можно да не се провери место толку близу до бината, од кое потенцијален атентатор „како на дланка“ пред себе би ги имал сите говорници и луѓе во толпата.

Истрагата ја води Федералната полиција, која го третира инцидентот како атентат. Извори од службите за безбедност изјавиле за „Си-би-ес њуз“ дека атентаторот бил маж вооружен со пушка и дека стрелал од позиција неколку стотини метри од бината.

Полковникот Џорџ Бивенс од полицијата на Пенсилванија изјави дека припадниците на полицијата „херојски одговориле на нападот“ и забележа дека „нема причини да се верува дека се уште има активна закана“.

Се смета дека „гнездото“ на атентаторот било на покривот на еднокатна зграда десно спроти бината од која се обраќал поранешниот претседател. Учесник на митингот изјавил за Би-би-си дека забележал „сомнителен маж“ како наведнат чекори на покривот околу пет минути откако Трамп излегол на бината, за што ги алармирал полицајците.

– Тој имаше пушка, јасно можев да го видам со пушка. Им го покажавме на полицајците: „Еј, има тип со пушка на покривот“, а полицијата не знаеше што се случува – изјавил очевидецот.

По истрелите, агентите од Тајната полиција се стрчале преку толпата, викајќи им на сите да се спуштат на земја. Луѓето послушале и не се создал метеж ниту голема паника.