Трамп до Зеленски за Денот на независноста на Украина: САД поддржуваат решение за траен мир и заштита на суверенитетот

- Убедени сме дека со заеднички напори ќе можеме да ја завршиме оваа војна, возврати Зеленски кој изрази благодарност до САД затоа што стојат „рамо до рамо“ со Украина.

Градиме силна и моќна држава за да живееме во безбедност и мир, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски на одбележувањето на Денот на независноста на Украина. Уверени сме дека ќе ја издржиме оваа војна која влегува во четвртата година, рече Зеленски.

„Ќе ја браниме нашата независност и нашата земја – и правото на независен национален живот за Украинците. За да можат нашите деца и внуци, и нивните деца и внуци, да живеат безбедно на својата земја и според свои правила. Украинците се и ќе останат на оваа земја каде што по сто години ќе стојат нашите идни генерации. И по сто години, тие тука ќе го слават Денот на независноста на Украина“, рече Зеленски.

Светските лидери упатија честитки за независноста и пораки за мир, кои Зеленски ги сподели на платформата Х. Меѓу нив се пораките од францускиот претседател Емануел Макрон, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, папата Лав Четиринаесетти, кралот Чарлс, како и американскиот претседател Доналд Трамп.

Во писмото до Зеленски, Трамп порачува дека САД поддржуваат решение за траен мир што ќе го заштити суверенитетот и достоинството на Украина.

„Народот на Украина има непоколеблив дух, а храброста на вашата земја инспирира многумина. Соединетите Американски Држави ја почитуваат вашата борба, ги почитуваат вашите жртви и веруваат во вашата иднина како независна нација. Сега е време да се стави крај на бесмислените убиства. Соединетите Американски Држави поддржуваат решение кое ќе донесе траен мир, ќе го запре крвопролевањето и ќе го заштити суверенитетот и достоинството на Украина“, порача Трамп.

Зеленски во одговорот се заблагодарува на Соединетите Американски Држави што стојат „рамо до рамо“ со Украина, бранејќи го она што е најскапоцено – независноста, слободата и загарантираниот мир.

„Убедени сме дека со заеднички напори ќе можеме да ја завршиме оваа војна и да постигнеме вистински мир за Украина“, истакна Зеленски.