
Трамп го претстави трговскиот договор со Велика Британија, за Стармер денот е „фантастичен и историски“
Од Лондон, британскиот премиер Кир Стармер го опиша денот како „фантастичен и историски“. Тој нагласи дека договорот ќе ја поттикне вработеноста и трговијата на двете страни на Атлантикот. - На Денот на победата во Европа, кога стоевме рамо до рамо како сојузници, сега ја прошируваме таа соработка и на трговијата, изјави Стармер.
Во директно обраќање од Овалната соба, американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство постигнаа трговски договор.
Тој истакна дека станува збор за првиот „фер, транспарентен и реципрочно ориентиран трговски договор“ кој ќе им користи на американските производители на месо, етанол и други извозници. Тој додаде дека Велика Британија е еден од најценетите сојузници на САД и дека договорот не е само економски значаен, туку ќе се „проширува сам по себе“.
Од Лондон, британскиот премиер Кир Стармер го опиша денот како „фантастичен и историски“. Тој нагласи дека договорот ќе ја поттикне вработеноста и трговијата на двете страни на Атлантикот. – На Денот на победата во Европа, кога стоевме рамо до рамо како сојузници, сега ја прошируваме таа соработка и на трговијата, изјави Стармер.
Клучни одредби од договорот:
– Укинување на царините за мотори и делови на „Ролс-Ројс“ наменети за авиони.
– Извоз на 100.000 британски автомобили годишно во САД со задржување на почетна царина од 10%.
– Поедноставена царинска процедура за американските извозници, без бирократски пречки.
– Отворен пристап за американски земјоделски производи, вклучувајќи говедско месо и етанол.
– Договорот опфаќа и американски хемиски производи и машини.
Според проценките, американските извозници ќе добијат „дополнителни 5 милијарди долари можности“, додека постојните царини од 10 отсто ќе генерираат уште шест милијарди долари приход за САД, изјави американскиот министер за трговија Хауард Лутник.
Британскиот амбасадор во САД, Питер Манделсон, го оцени договорот како „отскочна даска“ за технолошки партнерства и заеднички развој на идни индустрии. Тој му се заблагодари на Трамп за исполнувањето на ветувањето дадено на Стармер за време на претходна посета. – Ако глобалната трговија се ребалансира, подобро е тоа да го правиме заедно отколку одвоено, рече Манделсон.
Трамп потврди дека конечните детали од договорот сè уште не се целосно финализирани, но нагласи дека станува збор за „завршен договор“.
Иако јавноста сè уште не ги знае сите технички детали, Белата куќа јасно го позиционираше овој договор како пример што би можеле да го следат и други земји. Според Трамп, повеќе од 80 земји веќе покажале интерес за слични преговори.