
Трамп го предупреди Иран дека ќе биде „многу силно погоден“ ако бидат убиени уште демонстранти
„Го следиме тоа многу внимателно. Ако почнат да убиваат луѓе како што правеа во минатото, мислам дека ќе бидат многу силно погодени од САД“, изјави Трамп пред новинарите во авионот „Ер Форс Уан“, јави ДПА.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го предупреди Иран дека ќе биде „многу силно погоден“ доколку загинат уште демонстранти за време на немирите што ја потресоа земјата во текот на изминатата недела.
„Го следиме тоа многу внимателно. Ако почнат да убиваат луѓе како што правеа во минатото, мислам дека ќе бидат многу силно погодени од САД“, изјави Трамп пред новинарите во авионот „Ер Форс Уан“, јави ДПА.
Тој не објасни какви чекори би можеле да разгледаат САД.
Најмалку 19 демонстранти се убиени за време на немирите, објави вчера организацијата „Иран хуман рајтс“, со седиште во Осло, додавајќи дека стотици други се повредени и уапсени, пренесе ДПА.
Иранската влада и натаму не дава информации за немирите и жртвите. Сегашните бројки се потпираат главно на извештаи од социјалните медиуми и активисти во странство. Овие извештаи не можат да бидат независно потврдени.
Првично, луѓето протестираа само во Техеран против економската политика на владата, но наскоро тоа прерасна во национални политички немири. Покрај критиките кон раководството, има и повици за враќање на монархијата, која беше соборена од Исламската револуција во 1979 година, пренесува ДПА.
Трамп во петокот преку својата мрежа „Truth Social“ вети поддршка за оние што учествуваат во протестите.
„Ако Иран пука и насилно убие мирни демонстранти, што е нивен обичај, САД ќе им дојдат на помош“, напиша тој, додавајќи дека САД се „подготвени да тргнат со оружје“.
САД и Иран се големи непријатели уште од Исламската револуција и немаат формални дипломатски односи.
Американската војска во јуни се придружи кон војната на Израел против Иран и ги бомбардираше клучните ирански нуклеарни постројки. САД и Израел го обвинуваат Иран дека сака да изгради нуклеарна бомба, обвинение што Техеран го негира, потсетува ДПА.