Трамп го обвини кинескиот претседател дека со Путин и Ким Џонг-ун прават заговор против САД

„Пренесете ги моите најтопли поздрави на Владимир Путин и Ким Џонг-ун додека заговорнички делувате против Соединетите Американски Држави“, напиша Трамп на својата мрежа „Трут соушал“.

Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини својот кинески колега Си Џинпинг дека заговорнички делува против САД заедно со рускиот лидер Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Денешната изјава на Трамп уследи додека Кина  беше домаќин на најголемата досега воена парада по повод Денот на победата, на која присуствуваа 26 шефови на држави, вклучувајќи ги Путин и Ким.

„Пренесете ги моите најтопли поздрави на Владимир Путин и Ким Џонг-ун додека заговорнички делувате против Соединетите Американски Држави“, напиша Трамп на својата мрежа „Трут соушал“.

Тој потсети и на „огромната поддршка и ‘крв’ што САД ја дадоа на Кина за време на Втората светска војна“. „Многу Американци загинаа во потрагата на Кина по Победа и Слава. Се надевам дека ќе бидат достојно почестени и запаметени“, истакна Трамп.

Изјавата на Трамп доаѓа во момент кога Си Џинпинг, пред 26 светски лидери, вклучувајќи ги Путин и Ким, зборуваше за „незапирливата“ Кина, која „никогаш нема да дозволи да биде заплашена од насилници“.

На парадата беа прикажани новата генерација оружја, вклучувајќи нуклеарни проектили, ласерски системи и поморски дронови.

Кина се обидува да се позиционира како можна противтежа на САД откако царините на Трамп го потресоа глобалниот економски и политички поредок.

Иако некои набљудувачи присуството на Путин и Ким го толкуваат како порака до Западот кој ги изолираше, Трамп изјави дека не гледа на парадата како предизвик за САД.

На прашањето од Би-Би-Си дали верува дека Пекинг и неговите сојузници се обидуваат да формираат меѓународна коалиција за да се спротивстават на САД, Трамп рече: „Не. Воопшто не. На Кина ѝ требаме“.

Трамп истакна дека има „многу добри односи“ со Си и додаде дека е уверен во американската воена надмоќ. – Америка има најмоќни вооружени сили во светот, и тие никогаш не би се осмелиле да ги употребат против нас. Тоа би било најлошата работа што би можеле да ја направат, нагласи тој во радио интервју.

Во истото интервју, Трамп рече дека е „многу разочаран“ од Путин, бидејќи не успеале да постигнат мировен договор за Украина за време на нивната средба во Алјаска минатиот месец. – Ќе преземеме нешто за да им помогнеме на луѓето да живеат во Украина, најави тој, без детали.

Кина, иако не ја осуди руската инвазија, е обвинувана од Западот дека ѝ помага на Москва преку набавка на нафта и испорака на материјали со двојна намена. Пекинг ги отфрла овие обвинувања.

Јапонија одби да ја коментира парадата, наведувајќи дека со Кина гради „конструктивни односи“.