
Трамп воведувањето царини за сите земји го нарече „Ден на ослободување“
Трамп ги гледа царините како начин да се заштити домашната економија од нелојална глобална конкуренција и преговарачка алатка за подобри услови за САД. Сепак, загриженоста за трговската војна ги затресува финансиските и стоковите пазари и ги зголемува стравувањата од рецесија во САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека реципрочните царини што ќе ги објави оваа недела ќе ги опфатат сите земји, а не само помала група од 10 до 15 земји со кои САД имаат најголем трговски дисбаланс.
Трамп вети дека во среда ќе го претстави сеопфатниот тарифен план, нарекувајќи го „Ден на ослободувањето“. Тој претходно воведе царини за алуминиум, челик и автомобили, а исто така ги зголеми царините за увоз на сите стоки од Кина.
Трамп ги гледа царините како начин да се заштити домашната економија од нелојална глобална конкуренција и преговарачка алатка за подобри услови за САД. Сепак, загриженоста за трговската војна ги затресува финансиските и стоковите пазари и ги зголемува стравувањата од рецесија во САД.
Во последните неколку недели цените на акциите на Волстрит и другите големи светски берзи драстично паднаа поради неизвесноста околу овие царини и стравувањата од ескалација на трговската војна, бидејќи голем број земји, вклучувајќи ги Кина, Канада и ЕУ, најавија контрамерки.
Трамп рече дека ќе воведе низа реципрочни тарифи против земјите кои воведуваат тарифи за увоз на американски производи и вети дека ќе се изедначи со царините на тие земји.
Во февруари, Трамп потпиша меморандум со кој им наложува на американските официјални лица да ги анализираат трговските односи со сите земји и да состават листа на приспособени контрамерки. Минатата недела тој посочи дека можеби ќе ги ублажи своите планови, можеби правејќи исклучоци во некои случаи или наметнувајќи пониски царини од оние што тие земји ги наплаќаат за увоз од Соединетите држави.
Белата куќа неодамна соопшти дека тарифните планови би можеле да таргетираат 10 до 15 земји со кои САД имаат најголем трговски дисбаланс. Но, сега Трамп повторно вели дека реципрочните царини би можеле да влијаат на сите земји.