Трамп бара од Атина Кина да се повлече од пристаништето Пиреја

Администрацијата на Трамп има нова европска цел на нишан: државната сопственост на Кина врз пристаништето Пиреја во Грција.

Администрацијата на Трамп има нова европска цел на нишан: државната сопственост на Кина врз пристаништето Пиреја во Грција.

„Жално е, но мислам дека има начини да се заобиколи тоа, дека нешто може да се реши, без разлика дали ќе се следи патот на зголемување на производството во други области или можеби Пиреја би можела да биде на продажба“, изјави амбасадорката на САД во Грција, Кимберли Гилфојл, во интервју за локалниот медиум Антена ТВ.

Кина инвестираше многу во задолжената Грција за време на долгата економска криза во земјата, со цел да ја направи центар за кинескиот извоз. Атина активно му се додворуваше на Пекинг бидејќи компаниите од другите западни земји се одвраќаа од Грција, исплашени од нејзините финансиски проблеми и озлогласената бирократија.

Коско, кинеската државна бродска компанија, обезбеди мнозински удел во најголемото грчко пристаниште Пиреја во 2016 година, што го направи клучен дел – таканаречената глава на змеј – од нејзиниот глобален инфраструктурен проект, познат како Иницијатива „Појас и пат“.

Гилфојл, поранешна ТВ водителка на американската радиодифузна компанија Фокс, посочи дека сегашното влијание на Пекинг потенцијално би можело да се избалансира со зголемени американски инвестиции во други инфраструктурни проекти.

„Мислам дека е многу важно да имаме американска инфраструктура тука за да помогнеме во поддршката на регионот. Можеби, всушност, треба да се зголеми производството од други пристаништа и области за да се избалансира кинеското влијание со пристаништето Пиреја“, рече таа.

Грција го продаде пристаништето Пиреја под притисок од европските кредитори на земјата, а Коско беше единствената компанија што поднесе понуда.

Гилфојл додаде дека Вашингтон ја гледа Грција како растечки енергетски центар, клучен за обезбедување енергетска независност „за да се спротивстави на руските и кинеските интереси“.