
Трамп: Ако не можеме да постигнеме договор, работите ќе станат непријатни за Иран
Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа го предупреди Иран дека „работите ќе тргнат на лошо“ доколку нема нуклеарен договор. Неговото предупредување уследи еден ден откако Техеран објави дека одговорил на неговото писмо, во кое повикува на преговори.
Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа го предупреди Иран дека „работите ќе тргнат на лошо“ доколку нема нуклеарен договор. Неговото предупредување уследи еден ден откако Техеран објави дека одговорил на неговото писмо, во кое повикува на преговори.
– Претпочитам … да постигнам договор со Иран. Но, ако не можеме да постигнеме договор, работите ќе станат непријатни за Иран, истакна Трамп.
Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи изјави дека Техеран одговорил на писмото на Трамп, без да ја обелодени содржината.
– Писмото на Трамп содржеше како закани, така и апели за дипломатија. Ставот на Техеран останува да не се водат директни преговори со САД под максимален притисок и закани за воена интервенција. Но, индиректните преговори, како што се водеа во минатото, може да се одржат, наведе Арагчи.
Иран и САД немаат дипломатски односи од 1980 година, а американските интереси во Иран ги претставува Амбасадата на Шведска.
Претходно, претседателот на иранскиот Парламент, Мохамад Багер Калибаф предупреди дека ако САД ги исполнат воените закани кон Иран, сојузниците на САД во регионот и воените бази ќе станат небезбедни.
Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изминатите четири години напредуваше иранската нуклеарна програма и е поблиску од кога било до производство на нуклеарно оружје, со сегашните резерви од 60 отсто збогатен ураниум, доволни за шест нуклеарни бомби доколку се збогати до 90 отсто.
Иран во 2015 година склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на нуклеарната програма, а за возврат да се намалат меѓународните санкции против Техеран. Но, во 2018 година, за време на првиот претседателски мандат, Трамп еднострано ги повлече САД од Договорот и повторно воведе санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто.
Иран тврди дека нуклеарна енергија е за цивилни цели и негира дека сака да се стекне со атомска бомба, во што се сомневаат западните земји.