Ноќеска, 7 минути по 23 часот земјотресот со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала беше почувствуван во целиот регион, а епицентарот беше во БиХ.
Ударот најсилен бил во Столац, каде што паднала карпа врз куќата во која живеела Елмира Сефо, единствената потврдена жртва на земјотресот.
Таа починала откако во тешка состојба била донесена од Столац во Мостар.
Мештаните сведочат дека Елмира живеела во семејната куќа во населбата Кукавац, со нејзините родители и сестра и кои биле полесно повредени.
Брзата помош ја пренела Елмира во болницата во Мостар, каде лекарите се обиделе да ја вратат во живот, но безуспешно. Повредите со кои се здобила биле фатални.
Според официјалните информации на Федералниот хидрометеоролошки завод, земјотресот што ноќеска ја потресе БиХ бил најсилен во последните 50 години.
Регионот го погодија дури 11 земјотреси, а епицентрите биле во околината на Столац и Мостар. По главниот земјотрес следеа слаби земјотреси.
Иако епицентарот беше во Босна и Херцеговина, граѓаните на Белград, Ваљево и други градови во Србија, и во Македонија, Хрватска, Црна Гора, изјавија дека земјотресот бил почувствуван и во нивните домови.