Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците во своето обраќање на јавната расправа на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“ предложи неколку законски измени во законите кои ја регулираат оваа сфера со цел заштита на безбедноста на граѓаните во сообраќајот и ултимативно намалување на жртви во сообраќајни незгоди.
Дефинираше неколку најважни точки на предлог законски измени и унапредувања кои ќе го зајакнат системот со цел унапредување на безбедноста во сообраќајот:
– Ревидирање на законските одредби кои ги регулираат сообраќајните прекршоци, конкретно сметам дека мора да го ревидираме членот 297а од Кривичниот законик кој се однесува на безобѕирно возење, односно јасно да се разграничи од постоечките одредби кои регулираат сообраќајни прекршоци во ЗБСП во делот на брзото возење и наместо алтернативно да се изрекува парична казна, истата кумулативно да се изрекува со казна затвор.
– Проширување на можностите на системот „Безбеден град“ да препознава нерегистрирани возила.
– Набавка на тестови за дрога. Веќе сме во подготвителна фаза за набавка и на тестови за дрога, нешто што досега никогаш не било имплементирано, а според анализите, возењето под дејство на опојни дроги е исто толку опасно како и возењето под дејство на алкохол.
– Одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење.
– Инкриминирање на управување на моторно возило без положен возачки испит.
– Дигитализација и целосно поврзување на МВР со судовите со цел полесна евиденција на изречените забрани за управување со моторно возило.
– Целосно имплементирање на системот „Безбеден град“ кој ќе гарантира дека санкциите се спроведуваат доследно и континуирано.
– Аплицирање на промени кои ќе овозможат системот да овозможи ефективна контрола и строги санкции за рецидивистите, преку институционална вмреженост и ефикасна размена на податоци помеѓу институциите.
Еден од поголемите проблеми што ги имаме во контекст на сообраќајната безбедност е огромниот расчекор помеѓу бројот на пријавени и осудени прекршители.
Постојат бројни случаи каде луѓе кои сториле тешки кривични дела во сообраќајот поминуваат со минимални или дури и условни казни. Казните, колку и да се високи на хартија, не значат ништо ако тие не се изрекуваат, а уште помалку ако не се спроведуваат.
Ние мораме да го разбиеме овој систем на компромиси и полуправда, односно неправда, порача Тошковски.