
Тошковски: Поднесовме огромен број пријави против поранешни министри, функционери и поранешен премиер, не гледам дека ЈО постапува по нив
- МВР покажа за овие години во рамки на новата Влада дека можело поинаку, дека можело да се поднесе кривична пријава и против висок функционер од која било политичка партија, без разлика дали доаѓа од една, друга или трета, не би сакал да специфицирам, дека можело да се отворат постапки, дека можело да се говори јавно и при тоа со докази и со факти да се потврдат криминали, вели во интервјуто Тошковски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за МИА потврдува дека во иднина ќе има нови случаи поврзани со криминал и корупција на високи функционери, но исто така посочува и дека Јавното обвинителство и судовите не постапуваат еднакво за секој против кој е поднесена кривична пријава, како и дека за некои од случаите нема исчекор од страна на обвинителството.
– Апсолутно да. МВР покажа за овие години во рамки на новата Влада дека можело поинаку, дека можело да се поднесе кривична пријава и против висок функционер од која било политичка партија, без разлика дали доаѓа од една, друга или трета, не би сакал да специфицирам, дека можело да се отворат постапки, дека можело да се говори јавно и при тоа со докази и со факти да се потврдат криминали, вели во интервјуто Тошковски.
Како пример го издвојува предметот „Адитив“, кој беше процесуиран и со обвинение од страна на Јавното обвинителство, но, министерот за внатрешни работи потенцира дека Јавното обвинителство и судовите не постапуваат еднакво за секој против кој е поднесена кривична пријава.
– За жал, и покрај тоа што поднесовме огромен број на кривични пријави, како против поранешни министри, директори на институции, кривична пријава беше поднесена и против поранешен премиер, Јавното обвинителство и судовите гледаме дека не постапуваат баш еднакво спрема секој еден против којшто е поднесена кривична пријава. Останува времето да покаже дали во овој нареден временски период и Јавното обвинителство и судовите ќе се охрабрат да постапуваат во рамки на законски дадените овластувања, се со цел да можеме да видиме процесна правда, којашто е нужна да ја испорачаме како институција, но и суштинска правда којашто би требало да ги детектира сите оние кои незаконско работеле во изминатиот период и да овозможи поврат на оние средства што незаконски биле трошени од страна на одредени, без разлика дали се тоа министри, директори или кој било друг тип на функционери во изминатиот период, рече Тошковски.
Според него, за дел од предметите, како оној со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 млади лица, Обвинителството покажало храброст и одлучност навремено да одговори и веднаш да ги спроведе потребните процесни дејствија. Сепак, посочува дека за дел од предметите за којшто МВР поднеле кривични пријави со голем број докази, нема исчекор.
– Јавно би ја искористил оваа прилика да го запрашам Јавното обвинителство до каде е предметот со злоупотреба на полициски овластувања во рамки на работењето на МВР, што беа поврзани со незаконско издавање на оружје. Поднесовме доста добра кривична пријава според информациите што ги имам, издржана со огромен број да докази против поголем број на полициски службеници коишто незаконски постапувале во изминатиот период. Но, за жал, до ден денес не можам да констатирам помрднување во однос на тој конкретен предмет. Ниту сме известени дека е отфрлена кривичната пријава, ниту, пак, сме известени дека истата била сериозно разгледана од страна на Јавното обвинителство и процесуирана со соодветен акт во рамки на нивна надлежност, вели Тошковски.

Во интервјуто министерот за внатрешни работи зборувајќи за трагедијата во Кочани нагласува дека во делот на она што е надлежност на МВР било максимално координирано постапено по сите наредби на Јавното обвинителство.
– Сега останува на судот врз основа на сите собрани и доставени докази до него, да ги преземе сите оние процесни дејствија коишто е потребно да бидат преземени во страна на судот, рече Тошковски.
Во контекст на системските пропусти што беа констатирани во овој случај, министерот за внатрешни работи вели дека нам како на општество и на институциите ќе им треба многу време за се направи драстичен исчекор од она што било.
– За шест месеци, за една година, ние нема да можеме да ги решиме со златно стапче проблемите коишто ги има во оваа држава. Многу години наназад се таложеле, потенцира тој наведувајќи дека веднаш по несреќата се направени одредени законски измени и промени за да се спречат вакви несреќи во иднина, вели Тошковски.
Тошковски: За малку ќе бев прегазен од деца со електричен тротинет
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во денешното интервју за МИА, одговарајќи на прашање за системот „Безбеден град“, којшто треба да почне на 1 јануари следната година, рече дека е недозволиво годишно во Македонија да починат 142 лица во сообраќајни несреќи.
Верувајте ми, да го имплементирале моите претходници „Сејф сити“ досега, јас ви гарантирам дека немало да бидеме на ова ниско ниво на коешто сме. А многу одамна е отпочнато со работење на овој проект. Но, тоа е што е. Оставено е на нас сега да го имплементираме како проект и ќе го имплементираме. Зошто? Заради тоа што, кога говориме за бројка од 142 жртви, како последица на сообраќајни незгоди во Македонија за 2024 година, навистина верувајте ми, поразително е чувството вие да сте министер за внатрешни работи, а при тоа да имате 142 жртви за една година како последица на сообраќајни незгоди. Многу пати во јавноста, одредени недобронамерници, се обидуваат да наметнуваат одредени тези коишто не се во интерес на имплементирање на „Сејф сити“ како проект, и не се во интерес на креирање на сообраќајна култура. Но, поразително е Македонија да има бројки помеѓу 75 и 80 жртви по милион жители во периодот за една година, а при тоа во скандинавските земји да имаме бројки кои покажуваат околу 30 жртви годишно. Значи ние имаме некаде околу 40 до 50 повеќе смртни случаи на милион жители, отколку во скандинавските земји. И навистина е поразително да се обиде да се манипулира јавноста со тоа дека државата сакала да го зголеми буџетот, па немала што да прави, ќе ги казнувала граѓаните за сообраќајни прекршоци. Не, целта на државата не е да го зголеми буџетот преку сообраќајни прекршоци со имплементирање на „Сејф сити“ проектот. Целта на државата не е само да ги казнува оние коишто дивеат по улиците. Целта на државата е да спаси макар еден човечки живот повеќе од она коешто сме го имале претходно како смртни случаи, како последица на непочитување на сообраќајни правила. Верувајте ми, овие 142 жртви, сите до една, се последица на непочитување на сообраќајните правила.

Потребни ли сè уште законски измени за да може од 1 јануари да се применува „Безбеден град“?
Да, значи, ова е пакет на закони, шест закони мислам дека се поврзани со промената на потребната законска легислатива и понатаму правилници коишто дополнително ќе треба да ги измениме. Во рамки на собраниска процедура е влезен Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата. Исто така во процедура е влезен Закон за прекршоци, којшто директно е поврзан со имплементација на „Безбеден град“ и во иднина безбедна држава. Понатаму ќе следат Кривичниот законик, Законот за извршување на санкции, Законот за возила веќе е променат во однос на сето она којашто требаше да биде поврзана со Сејф сити, така што имаме еден пакет на закони коишто е потребно да се променат и идејата на Министерството за внатрешни работи и целта е, заедно со оние теренски активности коишто се преземаат и законските измени коишто ќе се извршат, отпочнување на овој проект да биде 1.1. 2026 година. Зошто 1.1. 2026 година? Од 1.1. 2025 година, со измената на Правилникот во однос на регистрирање на моторни возила, се отпочна со процес на собирање на сите потребни податоци и информации коишто се поврзани со сопственикот на возилото. Така што, формално правно, можеме да отпочнеме со имплементирање од 1.1.2026. година, со тоа што запознаени се добра граѓаните дека овој систем ќе функционира во комуникација со граѓаните преку нивните мобилни телефони, односно преку испраќање на порака на нивните мобилни телефони на телефонскиот број којшто го оставиле во Министерството за внатрешни работи. Се надевам дека најдоцна до 1.12.2025 година ќе отпочнеме со активна примена на овој Сејф Сити систем. Со тоа што наредните вие триесет дена би ги искористиле за информирање на граѓаните дека на конкретна сообраќајница сториле конкретен сообраќаен прекршок, се цел да ги подготвиме, да има еден месец да ги подготвиме, да има како еден почетен пробен тест период, сè додека не стапат во сила официјално измените на сите оние законски прописи.
Уште еден проблем кој се создава во сообраќајот е проблемот со несоодветно возење на електричните тротинети. Дали има простор за поинакво делување на МВР?
Сега, пред да влезам кај вас во овие простори, само што не ме згази еден возач на електричен тротинет. Мислам дека беа дечиња, две малолетни лица на тротинет. Прво не смеат две лица да се возат на тротинет, ниту согласно сегашната регулатива. Ниту едното, ниту другото имаа кацига на нив, ниту едното, ниту другото беа обележени. И сега имаме регулатива којашто е поврзана со управување на тротинетите, која за жал не дава резултати. Факт е дека не дава резултати. Но, за промената на регулативата во овој дел, ни треба, навистина, малку подлабински да навлеземе во она што треба да се измени. Да, планирани се измени и во овој дел, усогласување во дел со регулативите коишто се применливи во рамки на Европската Унија. Но, сепак, овде, навистина, не се чувствуваме доволно навлезени во рамки на проблематиката и тој дел не е опфатен во рамки на сегашните законски решенија. Дадовме простор малку подетално да навлеземе во консултација со експерти, во консултација со професорската фела, апликативно да видиме како е сето тоа применето во рамки на одредени земји од ЕУ. И мораме и во оваа насока да ја заостриме регулативата се со цел сите наши граѓани да се чувствуваат побезбедно по македонските улици кога се движат, како ние, така и оние коишто ги управуваат овие тротинети. Инаку, согласно информациите коишто ги имам добиено од страна на доктори кои работат во клиника, дневно имаме најмалку по 5 до 6 операции на скршеници коишто се настанати од паѓање од тротинет. И тоа согласно на она што го имам како информација, најчесто се кршат дланките коишто се тешки за операција, тешки за враќање во првобитна положба. Најчесто говориме за многу млади луѓе, најчесто за малолетници коишто ги управуваат тротинетите, така што ова е навистина една сериозна тема на којашто мораме да се фокусираме во иднина. Да ја подобриме и регулативата, но во едно и имплементација на истата. Ние, обични сме добри за регулатива, но потоа имплементацијата не ни оди …
Но и јавната свест да се подигне … На малолетни деца да не им се даваат електрични тротинети.
Мораме да сфатиме дека сите ние сме дел од ова општество. Секој од нас е дел од ова општество и секој од нас, освен што има права, има и одговорност. Значи, на малолетник на кој ќе му дадете да вози тротинет, без притоа да му овозможите и кацига и соодветни … Не знам, треба елече да има на него, да речеме, за да го управува тротинетот. Лице под одредена возраст не смее да управува тротинет. Мислам дека беше 14 години. Едноставно, вие како родител му купувате електричен тротинет на лице од 11 години, а ниту му обезбедувате кацига, ниту му давате елече и потоа велите Господ е крив. Едноставно, сите мораме максимално да се фокусираме и да се посветиме на сето она кое значи превенција. И за самите нас, и за нашите дечиња, меѓутоа и за општеството генерално.