Тошковски: Осомничени се повеќе од 20 лица, фирмата немала лиценца за работа

Приведени се и поранешен државен секретар на министерство за економија, поранешен/ сегашен раководител на еден сектор во рамки на министерство за економја, а приведен е и поранршен директор на Дирекција и спасување и тројца вработени во рамките на дирекцијата.

МВР во координација со Јавното обвинителство до овој момент во врска со синоќешниот пожар во ноќен клуб во Кочани има осомничено повеќе од 20 лица, од кои 15 се во полициска станица, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Легална лиценца за работа фирмата немала и повеќе детали, Тошковски во овој дел од истрагата, рече дека не може да открие, но посочи дека, како и многу други работи од минатото е поврзана со мито и корупција.

– Во овој случај имаат име и презиме тие кои што се вклучени во нелегалното издавање на лиценци и ќе одговараат за тоа, рече Тошковски.

Дел од осомничените за предизвикување на овој кривично правен настан се починати, дел се во болница. Четири лица моментално се обезбедни во болница. Два члена на бендот, син на сопственик на дискотека и управител на правното лице кое што ја менаџирало дискотеката.

– Дел од приведените лица кои што моментално се во полициска станица се луѓе кои имаат директна вина со овој настан, согласно досега собраните докази. Приведено е едно лице, кое што е организатор на настанот и за кое што имаме сомнение дека еден од оние кои што имаат директна вина. Исто така, приведени се поранешен државен секретар на Министерство за економија, поранешен раководител на еден сектор во Министерство за економија, поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени во рамки на дирекцијата, изјави Тошковски.

Дел од приведените во Кочани, посочи Тошковски, се луѓе кои се организатори на настанот, дел вклучени во обезбедување и други активности кои се случувале вечерта.

Разговор од полициски службеници во Скопје, според Тошковски, извршен е со над 25 очевидци на настанот и континуирано ќе се продолжи со прибирање на докази.

Во однос на лиценцата за работа на дискотеката која била истечена, Тошковски замоли да не се шпекулира и дека „ги кажал сите факти во форма која што смета дека нема да ја загрози истрагата понатаму“.

– Не е таа лиценца којашто ја напоменав во рамките на мојот говор. Јас говорам за други две лиценци коишто ги имам овде коишто се издадени 2024 година и коишто се во најмала рака фалсификувани лиценци. Затоа велам немој да шпекулирате осетлива е јавноста. Станува збор за нелегални лиценци коишто се издадени 2024 година. Овде ги имам две тие се доказ во постапка. Не можам да ги споделам сега. Станува збор за лиценци кои се нелегални, фалсификувани коишто, постои основано сомнение дека се добивани на коруптивен начин, изјави Тошковски.

Кажав, нагласи Тошковски, кои луѓе се приведени и кој тип на луѓе се осомничени за сторување на кривично дело поврзан со овој кривично-правен настан.

– Полицијата реагира и соодветно реагирала и во текот на вчерашниот ден. Максимално реагираме колку што можеме да реагираме во рамки на сето она што требаше да се стори како дејствија од аспект на соодветно обезбедување на теренот, помагање во делот на транспортирање на сите повредени, најбрзо што можеше да се изреагира се изреагира, хеликоптер беше активиран, сите тимови се донесени не само полицијата, Центар за управување со кризи, сите останати институции коишто се релевантни да констатираат фактичка состојба се ангажирани на терен и даваме максимум од себе, изјави Тошковски.

Прашан дали градоначалникот е повикан во полиција, Тошковски рече дека согласно законските одредби коишто досега ги анализиравме надлежен за издавање на предметна дозвола Министерство за економија.

– Надлежен за се што е поврзано со самите услови кои треба да се исполнат, а е поврзано со пожарите е Дирекција за заштита и спасување. Секој еден друг за којшто ќе утврдиме дека има соодветна незаконитост во рамки на своето постапување ќе постапиме како и за овие што постапивме досега. Досега немаме утврдено никаква одговорност на градоначалникот. Да, факт е порано дозволата била издавана од страна на општините, но со последните измени на законот колку што сум информиран дозволите се издаваат од страна на Министерството за економија, изјави Тошковски.