
Министерот за внатрешни работи кој денеска беше во посета на делот од полицијата одговорен за „Безбеден град“ рече дека се регистрирани 65.000 прекршоци за само 12 часа.
„Со овој проект започнуваме нова етапа во унапредувањето на сообраќајната безбедност – сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат електронско известување за сторениот прекршок, документиран со современи технички средства и уреди за снимање.
-Нашата цел е јасна: повеќе безбедност, помалку прекршоци и нулта толеранција за несовесно возење, без разлика дали се работи за урбана зона или пат надвор од населено место. Во првите 12 часа од пробното функционирање на системот беа регистрирани неверојатни 65.000 прекршоци од кои за поминување на црвено светло 2800 и за нерегистрирано возило 1000. Оваа алармантна бројка уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата“, посочи Тошковски во својата објава на ФБ и додаде:
„Со „Безбеден град“ обезбедуваме подобра дисциплина во сообраќајот, транспарентни процедури и брза електронска комуникација со граѓаните. Овој систем е инвестиција во спасени животи и побезбедни улици за сите. Продолжуваме посветено да ги модернизираме процесите и да го унапредуваме квалитетот на работата на МВР“.