
Тошковски: Нереално е да се очекува дека Владата за 15 месеци може да го воскресне системот уништуван 35 години
-Доколку сакате да се лажеме дека која било влада и кои било луѓе коишто ќе бидат ставени да менаџираат одредени ресори после 35-годишно уништување на системот, за 15 месеци ќе го воскреснат, мислам дека е малку, не малку, туку малку повеќе нереално – вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во емисијата „360 степени“
Доколку сакате да се лажеме дека која било влада и кои било луѓе коишто ќе бидат ставени да менаџираат одредени ресори после 35-годишно уништување на системот, за 15 месеци ќе го воскреснат, мислам дека е малку, не малку, туку малку повеќе нереално – вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, прашан зошто од Владата слушаме изјави дека дозволата за објектот за електронски отпад во Трубарево, кој изгоре во саботата, била издадена од претходната влада кога актуелната влада, во март, по пожарот во Кочани, соопшти дека одлучила „да се изврши контрола на сите издадени лиценци од страна на сите министерства и сите институции кои издаваат лиценци од кој било тип“.
„Пак ќе повторам, сулудо е ние да веруваме дека за 15 месеци во оваа држава ќе живееме во мир, ренесанса и со, како да кажам, европски параметри ќе ги уживаме правата и слободите на Европската Унија. Тоа е сулудо. 35 години е уништувана државава во сите сегменти и во сите параметри. Позната изрека имам една, којашто ја користам, таа не е моја, таа изрека е на претпоставувам дека многу постари и поумни луѓе од мене – каде и да копнеш е труло. И сега вие ако очекувате дека ние за 15 месеци сето тоа ќе го разрешиме и сѐ ќе ставиме да биде во ред, тоа навистина, се извинувам, малце е невозможно“, рече Тошковски.
Дополнително, вели дека по Кочани неспорно е оти се одземени голем број лиценци поврзани со угостителски објекти, но и лиценци поврзани со градежните фирми и оти институциите треба да бидат максимално фокусирани.
Во однос на причините за пожарот и евентуално одговорните, министерот Тошковски изјави оти во оваа фаза не би сакал да споделува детали и оти досега приведените четири лица имаат сопственичка, управителска и менаџерска функција и дека се осомничени за незаконитости од аспект на чување, складирање и одредени права и обврски кои правното лице ги има согласно закон и лиценцата за менаџирање со ваков тип отпад.

Јас сум за конфискација на возила при тешки прекршоци во сообраќајот
Доколку ја комплетираме законската регулатива, некаде на средина на ноември ќе започне пробен период на функционирањето на системот „Безбеден град“ (Сејф сити) и „Безбедна држава“. Јас сум за конфискација на возилата за потешки инциденти, но да видиме експертската фела како ќе го реши тоа.
Ова се пораки од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажани во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
„Јас би сакал пробниот период за ’Сејф сити’ да биде најмалку месец до месец и половина пред 1 јануари 2026 г. Со технички подготовки ќе стигнеме, да. Со технички работи коишто треба да се преземат ќе стигнеме. Се надевам дека ќе стигнеме и со законската регулатива“, рече Тошковски.
Датумот за пробниот период зависи од неколку закони, од кои дел се во собраниска процедура, како што се Законот за безбедност во сообраќајот и Законот за прекршоци. Измените на Законот за возила поврзани со имплементирање на „Сејф сити“ се поминати во парламентот. Остануваат Кривичниот законик и Законот за извршување санкции.
Прашан дали дилемите се околу конфискацијата на возила, Тошковски вели дека за него е јасно какви треба да бидат санкциите.
„Јас немам дилема дека кога одредено лице ќе стори кривично дело, а притоа нема возачка дозвола, тоа возило треба да биде трајно одземено од тоа лице. И такви компаративни искуства има и во други држави. Словенија, еве, ќе ја земам за пример. Јас немам никаква дилема дека оној којшто ќе стори безобѕирно управување на моторно возило и ќе управува моторно возило повеќе од 70 км/час во град над дозволеното, значи тоа би значело – ако е дозволено 50, тој да управува над 120, или повеќе од 90 км/час на отворено, тоа значи ако е дозволено 120, тој да вози 210, по вторпат, како рецидивист, така беше предложено во она коешто последно го имавме како предлог-текст, да се одземе возилото трајно“, вели министерот за внатрешни работи.
Според него, автомобил треба да се одземе и кога се користи како средство за сторување кривично дело, како, на пример, при нелегално учество во трки на булеварите.
Прашан, кој има дилема, министерот одговара:
„Имаат дилема одредени експерти коишто ги имаме консултирано во рамки на овој процес. Навистина огромен број на луѓе“.
Тошковски вели, тие мислат дека е престрого да се оди со таков тип задолжителни казни. Иако, кога станува збор за повторено безобѕирно управување на возило и возило управувано од лице кое никогаш не полагало возачки испит, биле едногласни за конфискација.
Извор: 360 Степени